22.09.2023

Двете екипи влегуваат со видно изменети состави во натпреварот кој е закажан за сабота (од 17.часот) во СРЦ „Кале“ во Скопје

СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“ 2023: МЗТ Скопје го изненади Баскет Кам во Купот, може ли да го повтори тоа и во Суперкупот?

И оваа година, трет пат по ред, поточно, денот предвиден за одигрување на натпреварите од Суперкупот „Драган Василов-Цевка“, ќе почне со одигрување на натпреварот помеѓу двете најдобри екипи во женска конкуренција.

За оваа можност, да дојдат до првиот трофеј во новата сезона, се изборија екипите на Баскет Кам 2011 и на МЗТ Скопје Аеродром.

„Аеродромки“ беа вистинското изненадување на собирот на кој беа најдобрите четири тимови во Купот на Македонија. Победија две екипи кои реално имаа(т) подобар квалитет).

Но на тој турнир во „Кале“ ги имаа и двете Американски засилувања, кои дадоа особено голем придонес во реализација на планираното, а крунисани со освојување на историски пехар за екипата од Аеродром.

Баскет Кам 2011 го „исправи“ тој „кикс“ со освојување на шампионската титула, низ онаа серија на натпревари со екипата на Бадел 1862, па во сабота  навечер екипата од Македонска Каменица ќе се обиде да ја одбрани титулата во ова натпреваруавње освоена лани, и на истото место – СРЦ „Кале“во Скопје.

Актуелниот шампион, и бранител на трофејот и во ова натпреварување, направи значителни промени во физиономијата на екипата. Како во играчкиот, така и во оној стручен дел од тим.

Пред се, во новата првенствена сезона, исполнета со уште повисоки амбиции, Баскет Кам 2011 тргнува со Жаклина Стојановска, како нов шеф на стручниот штаб:

„Женскиот кошаркарски клуб ‘Баскет Кам’ изминатите неколку сезони се наметна како лидер во домашното првенство, каде не само што се освојуваа титули во сениорска категорија, клубот одлично беше позициониран и со младинските селекции.

Со мојот ангажман како тренер во клубот, ќе придонесам заедно со стручниот тим, да се одржи овој континуитет, а со тимска работа да оствариме заеднички и повисоки цели на клубот. Можам да истакнам дека имаме добар спој на одличен сениорски кадар и талентирани млади играчи, кои полека ги приклучуваме во првиот тим, што посебно ме радува. Очекувам овој клуб полека, во циклус од две до четири години да бележи значителни резултати и на меѓународна сцена“- вели нашата поранешна репрезентативка, сега во една сосема поинаква и пред се, одговорна функција.

Што се однесува околку дуелот со екипата од Аеродром, Стојановска вели дека тоа е добра можност да добие увид на досега сработеното во новата, за неа средина:

„Натпреварот за освојување на Супер купот е вовед во новата сезона кој ќе ни даде увид за обработените тренинзи во изминатиот период. Освојувањето на овој трофеј би значел дополнителен мотив за тренажниот процес во новата сезона“.

Промени, и тоа сериозни има и во МЗТ Скопје Аеродром. Вела Красниќ во улога на прв тренер на девојките во „сино-бела“ комбинација не може да смета на странскиот двоец со кој лани направи одлични резултати. Пред себе има уште помлада екипа во однос на онаа ланската:

„Во овој момент сме во некоја, да ја наречам,  последна фаза од екипирање на тимот за новата натпреварувачка сезона. И извесно е дека на овој натпревар ќе играме со нашата младинска екипа, без странски засилувања, што е сериозен хендикеп. Но тоа е нашата реалност, немаме некои големи очекувања, размислуваме да се претставиме во што е можно подобро издание на дуелот со екипата од Македонска Каменица“- вели Красниќ пред премиерниот меч во новата натпреварувача сезона.