23.09.2023

„МЗТ Скопје Аеродром, нормално, ја прифаќа фаворитската улога во овој меч“ – порачува предводникот од клупата на шампионот

СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ-ЦЕВКА“ 2023: Васко Атанасов: „Одиме по трофејот, за дополнителен мотив во остварување на целите“

МЗТ Скопје во уште еден финален натпревар, меч во кој се доделува трофеј, на почетокот на сезоната, веќе стандардно, и по трет пат по ред откако се игра за пехарот кој го носи името на Драган Василов – Цевка, „сино-белите“ ќе атакуваат на уште едно одличје – Суперкупот.

А се чини како никогаш досега, особено во последните неколку сезони, аеродомци влегуваат во сезоната со значително променет играчки ростер, особено во оној странски дел.

Младиот стручњак на кормилото на „сино-белите“ Васко Атанасов, има четири нови играчи кои доаѓаат навор од Македонија, како Марко Баковиќ, Душан Танасковиќ, Седрик Расел и Ејасу Ворку.

Но се чини дека силината на актуелниот бранител на домашните титули, лежи во податокот дека токму оној „домашен дел“ од ростерот влева дополнителен квалитет.

МЗТ Скопје има комплетирано домашна основа која ја предводи братскиот двоец Стојановски, а надополнета со искусни и репрезентативни имиња како Бојан Крстевски и Дамјан Робев, но и оние кои доаѓаат како Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ и Марин Петков.

Тоа и ги прави популарните „металци“ и фаворити во саботната пресметка во СРЦ „Кале“ која стартува од 19.30 часот (со директен пренос на МРТ3).

Тоа го „признава“ и шефот на стручниот штаб, Васко Атанасов:

„МЗТ Скопје Аеродром, нормално, ја прифаќа фаворитската улога. И секако ќе даде се да дојде до трофејот, кој ќе ни биде дополнителен мотив за остварување на целта во останатите натпреварувања што не очекуваат“- вели младиот тренер на клупата на екипата која има најмногу трофеи во ова натпреварување.

Иако има повеќе ревијален отколку натпреварувачки карактер, овој меч сепак си има свое место во плановите на Атанасов поврзани со она што следува во новата натпреварувачка сезона.

„Суперкупот е специфичен натпревар, кој доаѓа непосредно пред официјалниот старт на сезоната и кој не секогаш го дава реалниот однос на силите помеѓу ривалите. Поради ова и е толку интересен, а секако и многу важен“- смета Атанасов.