Во машкиот сегмент, за титулата најдобар во Суперкупот на Македонија „Драган Василов-Цевка“ се бореа добро познатите ривали, МЗТ Скопје, како шампион, односно Пелистер како финалист и во двете натпреварувања.
Битолчани беа подобар противник од бранителот на трофејот, особено до 15.минута од натпреварот. Но тоа беше се од нив, затоа што екипата која го брани трофејот во ова натпреварување, надополни двоцифрена негатива која ја имаше на средина на втората четвртина, и стигна до својот седми пехар во ова натпреварување.
МЗТ СКОПЈЕ - ПЕЛИСТЕР 78:64
По изедначената прва четвртина, која на крајот им припадна на кошаркарите од Битола (21:19), токму Пелистер беше екипата која прва стигна до солидно, дури и високо, двоцифрено водство.
По 14.минути од играта, „зелено-белите“ поведоа со (34:24), и најавија дека се подготвени да ја прекинат негативната низа на неуспеси во дуелите со актуелниот бранител на тројната круна.
Но МЗТ Скопје брзо успеа да анулира добар дел од таа двоцифрена негатива. А до полувремето „металците“ беа само едне чекор поназад во однос на „предизвикувачот“.
Пелистер водеше на полувремето „само“ со (37:35).
А и тоа „ситно“ водство го снема во првите неколку напади од третиот дел од играта. Со мини-серија од пет поени, аеродромци поведоа, макар и само со (40:37), по што мечот во СРЦ „Кале“ премина во израмнет.
Таков беше и резултатот (42:42) на средина од тој дел од играта.
Индивидуално гледано, подобро кажан поентерски во тоа време од четвртото издание на Суперкупот, се издвоија Слај (кај МЗТ Скопје), односно Антоан, кои беа првите со двоен број кај поените.
МЗТ Скопје успеа во обидите да „го сврти“ натпреварот, издоминира во таа трета четвртина во која поведе и со (54:48), а на таа „дистанца“ остана и по истекот на 30.минути, (56:50).
Во последнит дел, во кој се решаваат најголем број од енигмите, „сино-белите“ тргнаа со тројката на Маслинко, за највисоки (59:50).
Но тука не застанаа момците на Васко Атанасов, за неполни четири минути веќе имаа уште поголема предност (61:50).
А репрезентативното крило беше вториот играч на МЗТ Скопје кој ја надмина бројката од барем десет поени.
Последните пет минути „пелистерци“ ги дочекаа со негатива од осум поени (57:65), тука некаде ја видоа послдната шанса за евентуално враќање. Но противникот беше во серија, не дозволи никаков „камбек“. Го одржуваше водството, кое најчесто беше и двоцифрено, но и повисоко. На три и пол минути пред крајот, екипата од Аеродром имаше сигурни (70:57), но и недостижни за големиот ривал во последните неколку години.
Интересно, дури десет кошаркари во екипата-победник стигнаа во официјалниот записник. Најмногу 14 даде Слај, додека Маслинко заврши со 10.
Кај Пелистер после Антоан, кој застана на бројката од 14.реализации, во вториот дел од играта искусниот Бојиќ стигна до 19.поени (имаше и седум скока), Мишковиќ имаше само добар почеток (со девет поени), но подзастана во второто полувреме во кое битолчани и го загубија овој премиерен натпревар од новата сезона.