Двата најголеми ривали ја имаат таа чест да ја „пресечат лентата“, да означат старт на клупските возбудувања.
Во сезоната која е зад нас, МЗТ Скопје Аеродром ги освои двете домашни титули. „Аеродромци“ беа победници во Купот „Благоја Георгиевски Буштур“, ја освоија шампионската титула.
А утре вечер од 19.30 часот (пренос на МРТ3), ќе атакуваат и на третиот трофеј, оној наменет за најдобриот македонски состав во Суперкупот.
„Ќе биде убаво ако сезоната ја започнеме со освојување на трет пехар во серија“ вели Дарко Радуловиќ, предводникот на „сино-белите“ од клупата. „Суперкупот е натпревар кој е увертира за новата натпреварувачка сезона во кој нас нè чекаат многу натпревари. Би требало да биде релативно ревијален тип на натпревар. Имавме проблеми со повредите во целиот тек на подготовките. До последен момент не знам кои играчи ќе ги имаме на располагање за овој меч. Но имаме и добри информации за тоа како играше Работнички во периодот на подготовките. Се надевам на една спортска приредба, и на крај, да ја започнеме сезоната со победа. Ќе биде интересно, во секој случај, да видиме до каде сме во овој момент“- смета Радуловиќ.
Тони Симиќ е дел од новитетите кои во „Градски парк“ ги донесе летото. Ја доби улогата да биде шеф на стручниот штаб на нашиот најтрофеен клуб. Нималку лесна задача за него, во која првиот вистински тест е токму утрешниот натпревар против вечниот ривал од Аеродром.
„Ова е еден сосема нов проект на Работнички, каде што целосно е променет играчкиот, тренерскиот, и дел од раководниот сегмент во клубот. Направен е еден целосен ‘ребилдинг’ на сите нивоа. Ова лето го искористивме да се екипираме, да формираме играчки кадар согласно со актуелните можности. Во никој случај не беше лесно, со оглед на тоа дека правиме тим кој треба да се обиде да го претстави Работнички во најдобро светло. Сигурно е дека ни треба време да се воиграме. И мора да се биде трпелив во тој поглед“.
Можеби ова биде и последна „контрола“ пред почетокот на новиот шампионат?
„Одигравме неколку натпревари, но дури на последните две проверки бевме во комплетен состав. Оттука овој дуел со МЗТ Скопје Аеродром за нас во стручниот сегмент, но и за играчите, ќе биде вистински тест пред официјалниот старт на сезоната. Сезона во која, ќе повторам, влегуваме со еден комплетно нов состав за чии реални можности ќе знаеме кога ќе дојдат на ред првенствените натпревари“ – вели новиот шеф на струката на екипата од „Градски парк“ во пресрет на првата пресметка против МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона.
СУПЕРКУП „ДРАГАН ВАСИЛОВ ЦЕВКА“ - 2021
25.СЕПТЕМВРИ (САБОТА):
19.30: МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - РАБОТНИЧКИ (МРТ 3)
Сала на СРЦ „Кале“ - Скопје
Судии: Павлов-Мијалковски-Лазов
Делегат: Николовски