Ивана Кметовска, една од најдобрите кошаркарки во екипата на Баскет КАМ го одбележа „продолженото“, 4. коло од Суперлигата во женска конкуренција.
На гостувањето во Струга, каде екипата од Каменица стигна до планираната победа, но со пресврт во второто полувреме, крилото на екипата од Каменица дојде до рекордни во оваа фаза од првенството, 40. индексни поени.
„Преведено“ во бројки, за 35:51 минута во игра на овој меч, Кметовска дојде до дабл-дабл од 34.поени (16/22 од поле), 11 скока, 2.асистенции, три освоени и четири загубени топки. Имаше и една блокада.
И вториот најдобар скор одново го има играч на Баскет КАМ.
Анџелика Митрашиновиќ почна слабо, но како одминуваа минутите, така капитенот на нашиот национален тим дојде, би се рекло, до нејзините стандардни бројки во Суперлигата.
Заврши со 31. реализација, макар и со послаба реализација во шутот од поле (6/16). Но имаше и 17/20 од линијата за слободни фрлања, исто така и 11.скока, 6. успешни додавања, една освоена и пет загубени топки за 39:03 минути во игра. Сето тоа за индекс – 31!
Милена Марјановиќ е најзаслужната што екипата на Крива Паланка дојде до важен триумф во натпреварот со Работнички. На гостувањето во Скопје, српската интернационалка дојде до уште еден монструозен дабл-дабл ефект, изразен преку 21.поен (6/17 од поле и 8/12 за еден поен), и 23 скока (седум офанзивни).
За 36:51 минута во игра имаше и четири блокади, две додавања, но и шест загубени топки, доволно за индекс-29.
Одличен индивидуален ефект имаше и Цветанка Димова. Младата кошаркарка на Бадел 1862 излезе во „преден план“ на средбата со Вардар.
Ги одигра сите 40.минути, и притоа запиша 19.поени (6/10 од поле и 7/8 од линијата за слободни фрлања). Додаде и одлични десет скока, три освоени, две загубени топки, и исто толку асистенции.
Петорката на 4 коло од Суперлигата се затвора со индивидуалното остварување на Анастасија Подунавац. Крилото на Вардар исто така собра 27.индексни поени. Реализираше 20.поени (2/4 за три и 7/11 за два поени), 9.скока, 6.асистенции, 3. загубени и една освоена топка за 35:16 минути поминати на теренот.