Овој викенд стартуваа натпреварите од првото коло од Суперлигата во женска конкуренција. И уште на почетокот, во оној индивидуален дел, се издвоија неколку остварувања.
И што е особено важно, во најголем дел се реализирани од страна на домашните кошаркарки, поточно, оние со репрезентативен квалитет.
Нена Трајчевска од Бадел 1862 е кошаркарката која реализираше и најголем број на индексни поени – вкупно 42!
На натпреварот со Вардар, кој „баделки“ го решија со висока позитива, репрезентативното крило дојде до ефект од 20.поени (шут од игра, 8/11), 17.скока, 7.асистенции, 4 освоени и три загубени топки за сите 40.минути во игра.
За нијанса послаб е ефектот на Александра Стојановска. И таа остана на теренот во текот на сите 40.минути. Стигна до 34.поени (10/16 од поле, и 11/12 од линијата за слободни фрлања. Имаше по седум освоени топки и скокови, три загубени топки и една асистенција, за индекс- 40.
Следува двоецот на Баскет Кам, Анџелика Митрашиновиќ-Ивана Кметовска.
Репрезентативниот капитен на нашиот женски национален тим, на средбата со Струга 2009 за малку ќе реализираше четирикратен ефект.
Имаше 33.поени (13/25 шут од игра), дополнети со девет скока, осум асистенции, седум освоени и пет загубени топки за 39:03 минути на теренот. Сето тоа доволно за индекс 39.
Иако имаше проблеми со личните грешки, Ивана Кметовска одигра 27:34 минути на оваа средба. Ја заврши со 29.поени (11/19 од игра), 15.скока, 4.асистенции и само една загубена топка, или 35.индексни поени.
Во идеалната петорка на првиот круг од натпреварите има место и за Милена Марјановиќ.
На средбата против Работнички, новото засилување на екипата на Крива Паланка дојде до дабл-дабл од 25.поени (8/18 од поле и 9/10 од линијата за слободни фрлања), 22.скока, една освоена топка, една асистенција, шест загубени топки и 4.блокади за 33:28 минути во игра.