Репрезентацијата на Летонија продолжи со сензационалните настапи на овој светски шампионат. А со победата, и тоа како убедлива, против Бразил со 20.поени вишок (104:84), момците од Балтикот се пласираа во четвртфиналето на овој Мундијал.
Одиграа најдобро кога за тоа беше и најпотребно избраниците на селекторот Лука Банки. Би се рекло скоро беспрекорно во нападот, особено тоа се однесува за второто полувреме во кое го „искршија“ фаворизираниот ривал.
По водството од првиот дел (45:42), во продолжението, го наполнија противничкиот кош во тие 20.минути, на крајот испорачаа дури 16 тројки (со 48.5% на реализација). Секако, имаа неколку, и тоа како расположени играчи. Во прв ред Гражулис, кој заврши со 24.поени, но и Жагарс (17.поени), Бертанс (14), Куруц (12) и Шмитс (10).
И премногу, дури и за селекција каква што има Бразил.
* Во ТОП 8 оди и репрезентацијата на Италија,. Во натпреварот „да се биде или неа“, беа подобри од Порторико. Тоа се однесува за последните десетина минути од натпреварот во Манила. Оние во кои го скршија отпорот на жилавиот противник за победнички (73:57).
И што е уште поважно, прво место во групата „И“.
Поентерски се издвоија, интересно, малку користени играчи како Тонут и Ричи (двајцата по 15.поени), Фонтекио имаше 12, а ветеранот Датоме додаде уште 11.
*По десет поени во воведната четвртина од овој одлучувачки дуел за втората позиција во групата „И“ дадоа Богдановиќ и Маринковиќ. Србија изгради големи (29:15) по десет минути од играта од мечот против Доминиканската Република.
Како одличен вовед во она што следуваше во продолжението на средбата. Србија покажа максимална сериозност на теренот. Ја потврди со уште поубедливи (112:79) и сигурен пласман во четвртфиналето.
Таму за противник, нешто подоцна, ја добија селекцијата на Литванија...
Неверојатен натпревар одиграа кошаркарите на Литванија против топ-фаворитот за златниот медал – САД. Особено во првите 20.минути во кои на почетокот ги погодија првите девет обиди зад линијата од 6.75 метри. И не беа воопшто чудни оние (31:12), на истекот на првата четвртина, или пак оние (54:37) кои тимот од Балтикот ги имаше на полувремето.
Во второто полувреме, малку поинаков распоред на силите на теренот. Со серија од (15-2) за неполни пет минути, Американците се доближија на, и тоа како, достижни (52:56). Но на истекот на тој трет период, Литванците ја задржаа предноста, имаа плус 6, (71:65).
Пробуваа американските ѕвезди од НБА соѕвездието, со сите сили да дојдат до пресврт. Во неколку наврати доаѓаа на магичната негатива од четири поени. Но не можеа да побегнат од првиот пораз на Светскиот Куп.
Но не и нешто повеќе од тоа. Имаа сериозни проблеми, особено во одбраната. Односно со одличните литвански шутери, кои погодија дури 14 тројки (од 25. обиди) но и во скок-играта која ја загубија во целост. Феноменалниот, и осамен, посебно во нападот, Ентони Едвардс не можеше се сам (даде 35.поени) против тимот на Литванија во кој имаше дури седум кошаркари со двоцифрен број на реализации.
На крајот, Литванија - САД (110:104).
* За финиш на втората фаза, и големото дерби во групата „Л“. Во некои други околности можеби и проектирано финале но во овие, само меч од типот, „победи или патувај дома“.
Актуелниот светски првак, Шпанија, против една до најдобрите селекции на овој шампионатот – Канада.
Доволно за вистински четириесетминутен трилер во кој со пресврт во последната четвртина, Канада го победи бранителот на светската круна (88:85).
Па по заокружувањето на оваа втора, групна,осминафинална фаза, познати се и четвртфиналните двојки на првенството. но и дека кошарката ќе добие нов светски владетел по елиминацијата на „црвената фурија“
Осумте најдобри, од кои шест доаѓаат од Европа, а две од американскиот континент, се селат во Манила (поточно оние четири селекции кои претходно играа во Џакарта и Окинава).
По денот предвиден за одмор (и транспорт до главниот град на Филипините), на 5. септември (вторник) за место во полуфиналето ќе се борат Италија и САД, односно Литванија и Србија.
Ден подоцна, на 6.септември (среда), меѓу четирите најдобри ќе се обидат да дојдат и Германија и Летонија, и Канада и Словенија.
СВЕТСКИ КУП 2023 - ВТОРА ФАЗА
РЕЗУЛТАТИ - ВТОРО КОЛО
ГРУПА И
Порторико - Италија 57:73
Доминикана – Србија 79:112
ТАБЕЛА
1.ИТАЛИЈА 5 4 1 404:370 9
2.СРБИЈА 5 4 1 502:380 9
3.Доминикана 5 3 2 346:332 8
4.Порторико 5 3 2 444:449 8
ГРУПА Ј
Грција – Црна Гора 69:73
САД – Литванија 104:110
ТАБЕЛА
1.ЛИТВАНИЈА 5 5 0 482:375 10
2.САД 5 4 1 507:398 9
3.Црна Гора 5 3 2 397:390 8
4.Грција 5 2 3 392:419 7
ГРУПА К
Германија – Словенија 100:71
Австралија - Грузија 100:84
ТАБЕЛА
1.ГЕРМАНИЈА 5 5 0 467:364 10
2.СЛОВЕНИЈА 5 4 1 442:409 9
3.Австралија 5 3 2 469:421 8
4.Грузија 5 2 3 379:407 7
ГРУПА Л
Шпанија – Канада 85:88
Бразил - Летонија 84:104
ТАБЕЛA
1.КАНАДА 5 4 1 477:367 9
2.ЛЕТОНИЈА 5 4 1 480:410 9
3.Шпанија 5 3 2 429:369 8
4.Бразил 5 3 2 420:401 8
ДВОЈКИ – ЧЕТВРТФИНАЛЕ
5.СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК)
10.45: Литванија - Србија
14.40: Италија – САД
6.СЕПТЕМВРИ (СРЕДА)
10.45: Германија – Летонија
14.30: Канада - Словенија