05.09.2023

Немаше дилеми во второто четвртфинале во Манила, САД повеќе од убедлив против аѕурите (100:63)

СВЕТСКИ КУП 2023: Кога Американците играат сериозно, ќе настрада... Италија

Познат е уште еден полуфиналист на Мундобаскет чија завршица се игра на Филипините, поточно во Манила.

 

Очекувано, тоа е репрезентацијата на САД, која без особени проблеми со убедливи (100:63) ја победи Италија. Го најави тоа четата на Стив Кер уште во воведниот период во кој се стекна со двоцифрена предност (24:14). До полувремето, веќе беше (46:24), па она второто се претвори во една сосема обична формалност во која сериозниот пристап на САД донесе и повеќе од убедлив успех, и враќање на американската репрезентација помеѓу четирите најдоби во светотот на кошарката, односно она што се вика Светски Куп.

Претходно, во првиот четвртфинален меч во Манила, селекцијата на Србија исто така, делуваше убедливо и славеше голема победа против Литванија (87:68).

А утре ќе бидат формирани и двете полуфинални двојки...

Од 10.45 часот, на истото место ќе истрчаат селекциите на Германија, единствената досега која е без пораз на шампионатот, и Летонија, која е најголемото изненадување на турнирот, а некој час подоцна, поточно од 14.30 часот, Словенија ќе се обиде да остане во игра за олимписки билет во дуелот против селекцијата на Канада.

СВЕТСКИ КУП 2023

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД - ЧЕТВРТФИНАЛЕ

Литванија – Србија          68:87

Италија – САД  63:100

6.СЕПТЕМВРИ (СРЕДА)

10.45: Германија – Летонија

14.30: Канада - Словенија