18.08.2020

Во најголем дел, тренинзите ќе бидат посветени на индивидуална техника и тактика, со фокус на основните елементи во кошарката

Тане Спасев во улога на главен координатор на кампот: „Овие работи ни се преку потребни“

По подолго време Тане Спасев одново работи во македонската кошарка. Искусниот тренерски стратег кој „до вчера“ беше предводник на полската Легија, со задоволство ја прифати поканата на раководниот тим на нашата федерација, да биде во улога на главен координатор на кошаркарските активности на кампот „Маврово 2020“.

Доволна „провокација“ да го прашаме Спасев што содржи неговиот план и програм за работа на собирот на овие млади кошаркар(к)и, родени 2007 и 2008 година.

„Во овој период на престој во Маврово, планираме да реализираме 12 практични тренинзи. Или по два тренинзи во шест дена, кои во најголем дел ќе бидат посветени на индивидуална техника и тактика, со фокус на основните елементи во кошарката. Ќе работиме според системот на ротациска/стационарна работа, со 7-8 играчи во група, или 15 во групи, како што е првичната замисла на кампот“- вели на почетокот на разговорот 43. годишниот стратег.

Кој ќе биде оној вистински фокус на работата со овие млади и талентирани кошаркари?

„Овие работи ни се преку потребни во развојот на младите играчи. Овде фокусот ќе биде поставен на доста елементи од кошаркрската игра, како застанување, пивот, дриблинг, поминување... Потоа тимски вежби со ситуации на напад и на одбрана во ситуации ‘два на нула’ , ‘три на нула’, ‘четири на нула’ и ‘пет на нула’, како и на игрите ‘еден на еден’, ‘два на два’, ‘три на три’, ‘четири на четири’ и ‘пет на пет’.

Утринските сесии се поставени со акцент на индивидуалните техники и кошаркарските елементи, додека пак на оние вечерните повеќе се работи на тактички елементи, но и други сегменти од кошаркарската игра.

Сето тоа, на крајот на денот, поткрепено со видео анализа на снимените практични ситуации и изведби на играчите, и со отворен начин на комуникација со тренерите, со намера за подобрување, надградба и раст на момчињата и девојчињата присутни на кампот овде во Маврово“- појаснува Спасев.

Тренерскиот предводник на овој собир во Маврово појаснува и некои други детали кои се во плановите за реализација. Некогашниот шеф на струката во полската Асеко Гдиња и асистент-тренер во рускиот Химки, ја потенцира индивидуалната техника.

„Мора да се земе предвид возрасната категорија, соодветно на тоа и да се наменат вежбите за онаа индивидуална техника од која тргнува скоро сè. Почнувајќи од застанувањето, преку правилен став и држење на телото при прием на топката. Следен сегмент кој треба исто така да се развива е пивотирањето. Основна техника во врска на работа на нозе и работа со раце, дриблингот, додавањата и шут.

Во програмата е вклучена и практична работа на тимот во која се опфатени доста ситуациски вежби, почнувајќи од игрите во фазата на напад, од ‘еден на еден’, па сè до играње на ‘вистинска’ кошарка односно оние ситуации со сите десет играчи на теренот, или игра ‘пет на пет“. Никако не е заборавена и играта во одбрана, и поставка на доста вежби за дефанзивни движења, за комплетирањето на предвидената целина за овие неполни седум дена работа во Маврово“- рапортира главниот координатор од нашата планинска убавица.