18.05.2018

Најава за финалната серија од Плејофот

Темелковски: Да уживаме во кошаркарската игра!

Спортскиот Директорт при македонската кошаркарска федерација имаше кусо обраќање до претставниците на медиумите на денешната прес-конференција одржана со повод почеток на финалната серија од плејофот во која ќе се надигруваат екипите на МЗТ Скопје Аеродром – актуелниот шампион и најтрофејниот кошаркарски колектив во Републиката - Работнички.

 

Пред да го најавиме вечното финале, би сакал да им дадеме едно признание на КК Работнички како Федерација за успехот кој беше постигнат во рамки на регуларниот дел од првенството со најдолга непоразена серија со 22 победи во низа. Честитки и се надеваме дека во иднина ќе имаме вакви признанија не само за натпреварувањето во македонските првенства туку и во Европа.

Сега со гордост можам да ја најавам финалната серија на 26. финале на македонското кошаркарско првенство, а 8. меѓусебно финале помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.

Воедно пред да им препуштам збор на тренерите и играчите сакам да апелирам до организаторите – домаќините на финалните средби, за што подобра организација на натпреварите.

Исто така сакам да апелирам до спортските фанови за фер и коректно навивање, за да може оние кои се трудеа и тренираа целата година, да не бидат попречени во нивната работа и сите љубители без разлика дали во салите или пред малите екрани да можат непрекинато да уживаат во оваа кошаркарска церемонија.

Финалната серија ќе започне во организација на КК Работнички, во салата Градски Парк, на 20. мај со почеток во 20:00 часот, за вториот меч да премине на 23. мај во салата „Јане Сандански“ со почеток во 20:00 часот, а третиот меч ќе се одигра повторно во градски парк, каде што и потенцијално може да имаме крунисување на шампионот. Доколку има потреба, четвртиот меч ќе се игра во „Јане Сандански“, а потенцијалниот петти меч од вечното дерби е закажан на 31. мај во Градски парк. Сите овие натпревари од финалната серија ќе бидат пренесувани на МТВ, за што сме им многу благодарни.

На љубителите им останува да ги исполнат салите до последно место и коректно да навиваат за своите клубови, а доколку дојде до непосакуван прекин од поединци или организирана група, се надеваме дека организаторот (домаќин) брзо ќе се справи со оваа ситуација, за да не дојде до прекини на натпреварот. На сите нас ни останува да уживаме во оваа игра и со нетрпение да очекуваме дали КК Работнички ќе го освои својот јубилеен 15. трофеј, или МЗТ Скопје Аеродром 7. пат по ред ќе биде крунисан за шампион. - истакна Темелковски.