Теодор Симиќ е најкорисниот играч на меморијалниот меѓународен турнир што во изминатите три дена се одржа во Гевгелија, а на кој учествуваа уште и селекциите на Бугарија, Грција и Црна Гора.
На трите одиграни натпревари, капитенот на нашата јуниорска селекција постигна вкупно 49 поени (16,3 во просек) и 24 скока (8 по меч) со просечен индекс 19.
Особено импресивни бројки нашиот највисок играч имаше на средбата против Црна Гора на која постигна 24 поени, а имаше и девет скока.
Инаку, турнирот во Гевгелија беше една од главните проверки за македонската јуниорска репрезентација пред Европското првенство во Измир кое почнува на 30 јули.
Во наредните два дена, во Дарувар, за нашата селекција „Под 18“ следуваат уште две проверки со селекцијата на Хрватска.