Стручњаците предвидoa, Mакедонија наскоро ќе го добие вториот кошаркар во НБА.
По Перо Антиќ кој играше две сезони во дресот на Атланта Хокс, пред извесно време американските стручњаци го ставија името на 16. годишниот Теодор Симиќ меѓу десетте најквалитетни кандидати високи 210. сантиметри и повеќе, на кои им се предвидува настап во најквалитетната лига на светот-НБА.
Но исто така е јасно дека патот до оние кошаркарски величини е доста долг, во таа насока се и размислувањата на актуелниот кошаркар на Барселона, кој наместо на тренинг во кампот „Ла Месија“, во изминатите денови дел од обврските ги реализира во едни, условно кажано, „домашни услови“.
„Не ми останува ништо друго освен да работам и во едни вакви, импровизирани услови“- констатира Теодор. „Повеќе од два месеци сум дома, па обврските кои ги имам кон Барселона, ги реализирам на начин на кој го предвидоа моите тимски тренери“.
Како изгледа тоа, многу подалеку од еден вообичаен дневен тренинг?
„Реков, овие услови кои ги диктира пандемијата на коронавирусот, не ни даваат некој максимален ангажман. Но стручните лица во клубот креираа една програма по која се придржувам во текот на овие два месеци колку што сме одалечени, и во вистинска смисла на зборот. Преку видео-конференциска врска сум поврзан со нашите тренери, и со обидуваме да ги реализираме планираните активности, се разбира, колку е тоа можно во овие услови“.
Секако, дел од тренингот се реализира и надвор од домашниот амбиент.
„Па да, се обидувам, кога тоа го дозволуваат временските услови, да работам и надвор. Најчесто тоа е пешачење на Водно, и трчање по кејот на Вардар. Но и тоа е строго ограничено, со препораки на нашите кондициски тренери. Пред некој ден добивме информација дека од овој викенд ќе има некое 'олабавување' на ситуацијата во Шпанија. Односно дел од моите соиграчи конечно можат да излезат надвор од своите домови, и веќе од следната седмица, да се обидат да работат нормално. Секако, со препорака на нивните здравствени институции“ - појаснува младиот кошаркар на каталонскиот гигант
Оваа година Теодор Симиќ беше и на поширокиот список на селекторот на нашиот сениорски национален тим, Александар Тодоров. Поточно за февруарскиот циклус квалификациски натпревари за пласман на Евробаскетот 2021.
Многу извесно е дека и по оваа непланирана пауза, 210 сантиметри високото момче ќе има направи „проблеми“ на селекторите. Каде ќе го продолжи оној репрезентативен сегмент.
Со оглед на тоа дека „административно“ ја надмина онаа граница на играчи „Под 16“, извесно е дека следната репрезентативна акција,најверојатно во текот на летниот период, ќе ја дочека и како сениорски репрезентативец.
„Мое е да тренирам, најсилно, најдобро што можам. Сакам да напредувам секојдневно. Ќе видиме што носи иднината. Работам, односно сум организиран согласно со плановите на клубот за кој настапувам. Требаше да играме на ЕП во Скопје, но за жал, ФИБА го одложи тоа натпреварување за следната година, што автоматски значи дека некои други момци ќе имаат шанса да заиграат во ‘А’ Дивизијата. Мојата генерација ќе се обиде да направи влез во елитната конкуренција. Доколку добијам повик за играње во сениорскиот тим за мене тоа ќе биде исклучителна почест. Реков, сакам да напредувам, а играњето за најдобрата македонска репрезентација за мене ќе биде токму тој исчекор кој сакам да го направам во деновите кои следуваат“- посакува Симиќ-јуниор, додека вредно, на добро познатата „скопска локација“ тренира со поддршка на својот татко, Тони.