11.08.2025

„Се надевам дека со нашата енергија, желба и борба ќе излеземе како победници од овој натпревар“

Теодор Симиќ: „Со вистински пристап и нашата препознатлива енергија по успех во Орадеа“

Можеби пред некоја вечер, Македонија загуби убедливо на гостувањето во Унгарија, но нашиот стручен штаб виде и некои позитивни моменти во тие 40.минути.

Добар дел од нив се усмерени кон она што го покажа Теодор Симиќ, во битките со корпулентните центри на Унгарија.

Освен „тепачката“ во рекетот, младиот наш кошаркар стигна и до двоцифрен број на поени, што секако треба да биде потстрек за она што следува за некоја вечер, дуелот со Романија во Орадеа.

Симиќ, како и другите негови соиграчи, сега знаат многу повеќе работи за и околу романската селекција:

„Романија е добро позната репрезентација за нас бидејќи пред десетина дена се сретнавме со нив во Куманово, на наш терен каде што бевме многу блиску до победа, а натпреварот беше одлучен во последните две минути“ – анализира кратко Симиќ.

За мечот во среда навечер, од 19.часот, во Арената „Орадеа“ како основна работа, односно предуслов за успех, го гледа оној правилен пристап на сите кошаркари кои ќе бидет во конечниот ростер на селекторот Марјан Илиевски:

„Мислам дека со вистински пристап од почеток на натпреварот до крајот може да се надеваме на добар резултат. Во Куманово покажавме дека можеме да играме против секоја репрезентација мислам дека и овде во Орадеа имаме големи шанси за победа. Пристапот кон мечот, и енергијата која ја краси оваа, доста подмладена репрезентација, треба да ни дадат поголема шанса за успех на ова второ по ред гостување во претквалифиакциите.

И искрено се надевам дека со нашата енергија, желба и борба ќе излеземе како победници од овој натпревар“- смета нашиот највисок кошаркар во овој ростер. .