10.02.2021

„Подготвен сум да го дадам максимумот, и да го оправдам повикот, иако сум најмал во оваа репрезентација“.

Теодор Симиќ:„Ќе ги чекам своите сениорски минути“

Теодор Симиќ има шанса во овој февруарски квалификациски циклус да стане еден од најмладите дебитанти во националниот тим на Македонија.

Момчето кое пред неколку дена наполни 17. години е на оној скратен список на селекторот Александар Тодоров за она што следува во периодот од 18. до 22. февруари. Последните четири средби од квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2022 година.  

Очекуваше ли вака „брз повик“ од селекторот за евентуален настап и во сениорскиот тим на Македонија. Сепак, не е мала работа да се дебитира во најсилната селекција на 17. годишна возраст?

„Ме изненади повикот на селекторот во А репрезентацијата. Подготвен сум да го дадам максимумот, и да го оправдам повикот, иако сум најмал во оваа репрезентација“.

Чувствуваш ли некоја трема, возбуденост, со оглед на тоа со кого ќе го делиш теренот во наредните дваесетина дена?

„Нормално е да чувствувам трема. Но сепак тоа е позитивна трема и се надевам дека таа трема нема да се одрази на играта во Перм, секако доколку бидам во комбинација за настап“.

Покрај тебе, тука има уште некои млади кошаркари, кои веќе одработија еден циклус од подготовките, но не добија шанса за официјален настап поради проблемите со короната. Се надеваш ли на први минути во националниот тим на претстојните мечеви во Перм?

„Да, знам дека во минатиот циклус имаше неколку млади повикани кошаркари кои што не добија шанса поради ситуацијата со Ковид-19. Не само јас, туку останатите млади играчи се надеваме дека преку тренинг и борба на терен, да дојдеме до првите минути во дресот на сениорската репрезентација“.

Кои се твоите очекувања, поврзани со настапот на нашата селекција во Перм. Дали сметаш дека овој тим има сили да дојде до победи во Перм, и догодина да биде дел од Евробаскетот?

„Со оглед на ситуцијата со Ковид-19, и некомплетните репрезентации во групата, се надевам дека тоа ќе го искористиме максимално, и секако, да пласираме на Европското првенство“.