Со своите 192 сантиметри, играше на Евробаскетото во Италија на позицијата на ниско крило. Го одработи максимално ангажирано сето она што селекторот Дервишевиќ го побара од него.
Затоа и Теон Богатиновски е составен дел од нашата кадетска селекција веќе неколку години. И се очекува истото да го продолжи и во оној јуниорски стаж. Макар што оваа година, пандемијата на коронавирусот не донесе други убави моменти во неговата играчка кариера.
Неговиот напредок беше евидентиран и на едно друго поле- сениорското. Оваа сезона „виде“ како е да се игра и сениорска кошарка, макар и во онаа второлигашката.
Се надева дека многу брзо тоа ќе се случи и во прволигашката.
Што правиш, како ги користиш овие денови на пауза, предизвикани од пандемијата на короновирусот?
„Почетокот на пандемијата го искористив за одмор. Беше напорна сезона со повеќе натпревари во еден викенд, па добро ми дојде кратката пауза. После две недели почнав со вежби во домашни услови. И со тек на времето го зголемував интензитетот и тежината на истите. Сепак, со нетрпение ги чекам подинамичните тренинзи и враќањето во сала“- ќе каже младиот кошаркар на Феникс 2010 за овој не баш очекуван момент.
За прв пат во кариерата почувствува како е да се игра сениорска кошарка?
„Морам да признаам дека системот на сениорската кошарка е многу поразличен од младинската. Ниту еден играч не може сам против сите, и целиот тим е вклучен во крајниот резултат. Мора да се практикува тимската игра и борбеноста. Ние како една од помладите екипи со КК Феникс 2010 остваривме голем успех, со оглед на тоа дека бевме во борба за првото место на табелата пред прекинот“.
Како си задоволeн од оваа сезона, прекината поради „виша сила“?
„На среќата и нема крај кога задоволен излегувам од терен со победничка насмевка. Но за жал тоа нема да биде случај и оваа година. И да не се доиграат младинските и сениорските лиги изминатиот период стекнав многу искуства за мојата понатамошна кошаркарска кариера“.
Поради пандемијата нема да го играте ЕП?
„Жалам за сите одложени спортски активности, но за тоа што нема да го играме Европското првенство ми е најтешко. Бев спремен за борба, и заедно со моите соиграчи да ја донесеме нашата репрезентација во ’А’ дивизијата за кошаркари ’под 18’, исто како што бевме во У16“
Како понатаму, кои се твоите идни планови откако ќе се нормализира ситуацијата?
„Целата ситуација полека стивнува, и сега со нетрпение го чекам враќањето во сала. Ми недостасува мирисот на топката, а желбата за да повторно враќање на теренот расте се повеќе од ден на ден. Подготвен сум за напорна работа и одговор на сите предизвици кои допрва следат“- порачува Теон во очекување на некој нов почеток, или продолжение на подготовките за она што следува.