03.11.2020

Поради појава на позитивни случаи на корона вирус во редовите на Берое, гостувањето на екипата од Стара Загора е одложено.

ТФТ и Куманово без „балкански“ обврски оваа седмица

Екипите на ТФТ односно на Куманово можат во целост да им се посветат на своите домашни обврски.

Иако според календарот на БИБЛ лигата, во наредните два дена требаше да ги одмерат силите со екипата на Берое, тоа нема да се случи.

Новите тестирања кај екипата од Стара Загора покажале неколку позитивни играчи заразени од коронавирусот, што го натера менаџментот на БИБЛ лигата да ги одложи двата претстојни натпревари.

Првиот беше предвиден на 4. ноември (среда), кога Берое требаше да игра со екипата на ТФТ, а вториот, ден подоцна, на 5. ноември, кога Куманово требаше да биде домаќин на „зелено-белите“.

Засега нема официјална информација кога, во кој нов термин би се одиграле овие два натпревари од Лигата на Балканот.

Тоа во исто време значи дека нашите претставници може комплетно да им се посветат на обврските кои ги носат дуелите од 2. коло од Првата лига-мажи кое е на програмата на 4. ноември, а во кое ТФТ гостува во Струга кај Црн Дрим Грин Мобил, додека Куманово е домаќин на МЗТ Скопје Уни Банка.