За пласман во главната рунда од ФИБА Европа Купот, Куманово и ТФТ треба да победат три екипи на турнирите кои ќе се одржат во периодот од 28 септември до 1 октомври.

Освен што ги добија четвртфиналните ривали, нашите претставници во ова натпреварување сега знаат и со кого би вкрстиле ако ги поминат првите пречки. Речиси сите клубови кои учествуваат во ФИБА Европа купот доаѓаат од лиги кои се посилни од македонската, а со тоа и ривалите се поквалитетни.
Кумановци прво ќе играат со австрискиот тим Гмунден и ако го поминат ќе се сретнат со холандскиот Гронинген. Евентуален триумф и таму ќе ги однесе во финале со најтрофејниот португалски клуб Бенфика или актуелниот освојувач на Купот на Романија, Волунтари.

ТФТ има подеднакво тешка задача. Прво ќе игра со Натуртекс од Унгарија, а ако победи, ќе се сретне со германскиот Меди Бајројт. Триумф и во оваа рунда ќе значи финале со подобриот од пресметката меѓу Енисеј од Русија и Хапоел Хаифа од Израел.
Во претстојниот период ќе се знаат и клубовите кои ќе ги организираат четирите квалификациски турнири.