Заслужено, доби некој ден повеќе за одмор од стручниот штаб на нашата сениорска репрезентација. И со право, особено ако се знае дека зад себе Ти-Џеј Шортс има сезона за паметење.
Како на клупско, така и на репрезентативно ниво...
Со нашиот национален тим, обезбеди пласман во квалификациите за Евробаскетот 2025, и тоа како лидер на оваа генерација на играчи, особено на оние мечеви во Гевгелија, а потоа и на гостински терен во Норвешка, кога и го потврдивме пласманот во оној главен дел од квалификациите за наредното Европско првенство.
Како предводник на германскиот Телеком Бон стигна и до пехарот наменет за најдобрата екипа во ФИБА Лигата на шампионите, плус со главното индивидуално признание – најкорисен играч на завршниот турнир.
Како еден од најдобрите на првата бековска позиција, и дефинитивно важи за еден од најбараните играчи на Стариот континент.
Сето тоа не му посмета по краткото време за одмор, и условите кои со себе ги носи преминот од една во друга часовна зона, да се појави на тренингот на нашата најдобра репрезентација во салата во СРЦ „Кале“ во Скопје.
Но и да даде краток коментар поврзан со очекувањата од она што следува за десетина денови, претквалификациите за Олимписките игри во Талин:
„Мило ми е што се вратив во репрезентацијата, екипата и селекторот ми посакаа добредојде и со нетрпение очекувам повторно да го облечам дресот на националниот тим. На секој натпревар ќе одиме на победа и ќе се обидеме да напредуваме“- вели американскиот бек по првиот одработен тренинг во подготовките.
Еден од најдобрите плејмејкери во Европа, во овој момент, смета дека добра работа е што тимот претставува микс на искусни, но и млади, талентирани кошаркари:
„Добро е тоа што во тимот имаме искусни кошаркари и млади, талентирани играчи кои носат енергија. Кога ќе се спојат тие две работи, секогаш придонесуваат за добра атмосфера во репрезентацијата. Треба само да продолжиме да тренираме заедно, да дадеме се од себе и успехот ќе дојде“- дополнува Шортс.