08.11.2022

„Верувам дека ќе одиграм најдобро што можам за да дојдеме до посакуваните победи“ – вели новиот член на нашата најдобра селекција

Ти Џеј Шортс е подготвен за дебито во „црвено-жолтиот“ дрес: „Ќе дадам се од себе да ја оправдам дoвербата“ (ВИДЕО)

Македонската кошаркарска репрезентација веќе ги  одработи првте два тренинга во салата „26.април“ во Гевгелија, каде што оваа седмица ќе ги одигра дуелите против Норвешка (10. ноември) и Данска (13. ноември) дел од ФИБА ноемврискиот „прозорец“ од претквалификациите за Евробаскетот 2025.

На овие две, исклучително важни средби се очекува и деби настап на нашиот нов репрезентативец, Ти-Џеј Шортс, кој пред извесно време го доби македонското државјанство и се стекна со македонска патна исправа.

А од најдобриот стрелец во Бундеслигата очекуваме многу, бидејќи селекторот Александар Јончевски нема да може да смета на дури тројца стартери - Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски поради обврски кон клубовите и на повредениот Кристијан Николов.

„Пресреќен сум за шансата што ќе играм за селекција како Македонија и сигурен сум дека ќе дадам сѐ од себе за да ја оправдам довербата. Пред нас се исклучително тешки мечеви против Норвешка и Данска, и верувам дека ќе одиграм најдобро што можат за да дојдеме до посакуваните победи“ – посакува новиот член на нашиот сениорски национален тим.

Станува збор за најдобриот стрелец во Бундеслигата, и еден од најдобрите играчи на првата бековска позиција во уводниот дел од ФИБА Лигата на Шампионите знае што се очекува од него на средбите кои следуваат во Гевгелија.

„Од мене се очекува добро да ја организирам играта, да постигнам што може повеќе кошеви, но и да придонесам да се крене натпреварувачкиот дух во екипата“ - дополнува кошаркарот на Телеком Бон.

Ти Џеј искрено вели дека не знаел премногу за државата чиј пасош неодамна доби.

„Мора да признаам дека не знаев ништо посебно за Македонија. Но почнувам да учам и ќе продолжам да се надоградувам, со цел да се вклопам во новата средина. Слушав одлични работи за селекторот, соиграчите и сигурен сум дека пред нас се добри времиња и успешни резултати“ - вели новиот Македонец со американско потекло.