Спортскиот Директор на КФСМ, Тодор Гечевски, ја отвори денешната прес-конференција за завршницата од Купот во машка конкуренција со посвета. Посвета кон оној чие име од ова издание ќе го носи националниот Куп - Благоја Георгиевски Буштур.
„Периодот што измина беше еден тежок за кошарката во Македонија. Изгубивме доста видни личности кои придонесоа за развој на кошарката и она што сме ние денеска, и кошаркари и кошаркарски работници. Од сите имиња кои ги изгубивме, едно име се издвојува, тоа е името на големиот кошаркар, тренер, спортски работник и на крајот еден голем човек – Благоја Георгиевски Буштур. Ние како раководство на федерацијата едногласно одлучивме дека неговото име треба да биде запишано во историјата, но и во иднината на македонската кошарка, па затоа се договоривме дека во иднина Купот на Македонија ќе го носи неговото име. Наша чест и обврска е да се запамети неговото име, да остане во сеќавањата на сите, да остане како пример на сегашните работници и да остане на едни идни генерации кои следејќи го неговиот пример ќе направат се за да македонската кошарка биде се поголема и поквалитетна.“ - потенцира Гечевски, а потоа им посака среќа и на сите учесници.
„Се надевам дека сите присутни овде се надеваат на добра игра, на победи и на крајот на краиштата ние како федерација се надеваме на добра кошарка и дека најдобриот ќе го однесе пехарот дома. На сите присутни им посакувам среќа и ферплеј се да заврши како што треба.“ - заврши Спортскиот Директор.
На прес-конференцијата беше присутен и Борјан Георгиевски, синот на легендарниот Буштур.