Тодор Гечевски како активен играч е еден од оние со најдолг стаж во репрезентацијата и дел од најголемиот успех на националниот тим и воопшто репрезентативен спорт - четвртото место од Еуробаскетот во Литванија.
Повеќе од 15 години беше стандарден во репрезентацијата, учествуваше на сите пет европски првенства и секако го има целиот кредибилитет да зборува за своите следбеници.
Затоа и спортскиот директор на нашата федерација не може да разбере каков е односот на поединци кои не сакаат да играат за репрезентацијата.
„Како играч кој секогаш се повикувал за репрезентацијата и кога таа била на најниски гранки и во секакви услови, мене не ми е сфатливо како можат да не сакаат да играат за својата држава, за Македонија, да не им е гордост да го облечат дресот, да застанат мирно на химната, пред целата македонска јавност.
Би сакал да се потсетам на 2011 година кога целиот народ се обедини и заедно го славеше историскиот успех. Како немаат желба повторно да го направат истото, да го направат среќен целиот народ. Тоа го направивме ние, па ракометарите, па сега фудбалерите. Не ми е јасно како немаат желба да видат среќни два милиона луѓе во земјава...
Баш сега бевме сведоци на фудбалерите, колку го направија народот среќен. Фудбалот е фудбал, но и кошаркарите ако имаат успех, па дури и во младинските категории, соте ќе бидат пресреќни“ - рече Гечевски на прес -конфернецијата пред почетокот на претквалификациите за пласман на Светскиот Куп во 2023 година.