21.02.2021

„Многу важна победа за нас, пред сè бидејќи ни дозволува да сонуваме до утре“- коментираше селекторот по успехот против аѕурите

Тодоров по триумфот над Италија: „Никој нема да се сеќава на оваа победа, ако утре не победиме“!

Селекторот Александар Тодоров беше задоволен што нашата селекција стигна до првата победа во квалификациите. Особено од обидот и пресвртот кој го направивме во второто полувреме против Италија.

Свесен е дека утре, во средбата со Естонија, ќе имаме уште потешка задача да дојдеме до планираното.

„Многу важна победа за нас, пред сè бидејќи ни дозволува да сонуваме до утре. Италија играше одлично прво полувреме, погоди девет тројки од 14 шута, постигнаа 53 поени и се и одеше од рака.

Во соблекувалната, на полувреме зборувавме дека тоа не се реални проценти, во второто полувреме погодија 3/11, и во вторите 20 минути примивме двојно помалку поени.

Уште еднаш ќе потенцираме дека нашата репрезентација е во процес на конструкција, дека во неа се вклучуваат некои млади деца, но никој нема да се сеќава на оваа победа, ако утре не победиме. Утре ќе имаме два тешки противника: силната естонска репрезентација и нашиот замор кој е уште поголем проблем, особено ако знаеме дека ќе играме без Ненад Димитријевиќ“.