30.04.2025

30.04.2025

Томица Главчев избран за нов Претседател на КФСМ

Томица Главчев е избран за нов Претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија на денешната вонредна седница на Собранието на КФСМ.

Како единствен кандидат, со максимална поддршка од клубовите, Главчев доаѓа на чело на Федерацијата како наследник на Перо Антиќ, кој ја обавуваше функцијата Претседател од 2019 година (со обновен мандат во 2023 година).

„Оваа иницијатива која е отпочната одамна, не бев вклучен од стартот. Луѓето кои ја истуркаа ќе бидат дел од мојот тим. Посебно сакам да го поздравам Младен Ѓуроски кој ги презеде сите работи за доведување на ова Собрание и до оваа точка. Во изминатите денови имавме повеќе состаноци со членови од присутните делегати, со поголем дел од нив. Имавме отворени разговори, практични за моите идеи и размислувања. Мојот општ впечаток е дека наидовме на разбирање и размислување во кој правец ќе треба да ги тераме. Се договоривме дека ако оваа работа успее, да се концентрираме прво шампионатот да заврши, а потоа да делуваме. Тоа на што јас размислувам во наредните четири години, а што на некој начин ќе значи моја сериозна обврска.

Главен приоритет ќе биде посета на сите градови во кои ќе се игра кошарка, па дури и оние места кои сака да се игра кошарка. Не би сакал да се изненадите ако инсистирам на тие состаноци да бидат луѓето од локалната самоуправа, затоа што во сите клубови се и шефовите на градовите. Мора да ги чуеме и нив, дали ќе одиме заедно во некоја насока, или ќе имаме различни правци, што не би било убаво.“ - истакна Томица Главчев пред делегатите.

Тој истакна десет главни точки во рамки на неговата кандидатура кои ќе му бидат водич за работа во наредните четири години, колку што е претседателскиот мандат.