15.06.2022

Означен старт на подготовките на нашата селекција „Под 18“ години доби шанса ова лето да се натпреварува со најдобрите во Европа

ТОНИ СИМИЌ: „Имаме доста работа пред нас, уверен сум дека ќе го реализираме планираното“ (ФОТО)

Ден-среда, датум-15. јуни, време - 18.часот, локација, СРЦ „Кале“, настан – старт на подготовките на машката селекција „Под 18“ години.

Разговор, уводен, со селекторот на оваа наша национална селекција – Тони Симиќ.

„Имавме некои други планови, но со оглед на тоа дека ФИБА донесе одлука која ја промовира нашата селекција во учесник на Европското првенство во ‘ А’ Дивизијата, извесно е дека мораше да направиме и извесни промени во првичните скици за работа во овој летен период. Едноставно, ФИБА ни постави нови граници кои мора да ги стигнеме во деновите кои следуваат“- вели Симиќ.

Уводниот дел од подготвителниот период ќе биде во Скопје?

„Првите неколку дена од подготовките ќе ги реализираме овде во Скопје, во салата на СРЦ ‘Кале’. Прво на ред ќе биде медицинското тестирање на сите повикани кандидати за националниот тим. А веќе од 22. јуни ќе се преселиме во Маврово, каде следуваат оние т.н. ‘висински подготовки’. А престојот на планина, ќе го искористиме да направиме и една ‘контрола’, еден спаринг-меч против селекцијата ‘Под 20’ години која во тоа време ќе биде таму“- потенцира селекторот околу планот кој треба да биде реализиран за време на подготовките.

Планирани се и голем број на пријателски натпревари?

„Токму така, мислам дека заедно со соработниците Нермин Пепиќ и Никола Велев и Анатолиј Романов, и сесрдна поддршка од федерацијата, направивме еден обемен план на подготовки кој опфаќа и одигрување на голем број на контролни средби. Ќе ги реализираме после враќањето од Маврово. Веќе на почетокот на јули имаме двомеч во Бугарија. Во Скопје ќе играме против соодветната селекција на Швајцарија, по што одиме во Негорски Бањи. Во Гевгелија нè чека еден доста силен турнир, на кој за противници имаме селекции кои се дел од ‘А’ Дивизијата, како Грција, Црна Гора, а гостин ќе ни биде и Бугарија. И нема да имаме време за одмор затоа што веќе на 18. јули патуваме за Хрватска, поточно во Дарувар, каде се предвидени две контролни средби против селекцијата на Хрватска. Оној завршен дел од подготовките пред заминувањето за Измир и настапот на ЕП од Дивизијата ‘А’, ќе го одработиме во базата во СРЦ ‘Кале’. Сметам дека со одигрувањето на овие осум-девет натпревари ќе бидеме во посакуваната форма за настап на шампионатот во Турција“ - дополнува предводникот на оваа наша селекција, која извесно е, ја чека тешка задача.

Во натпреварувањето со Франција, Израел и Велика Британија, противниците во групата „А“, да обезбеди место кое Македонија ќе ја направи учесник во „А“ Дивизијата и во наредната година.