09.03.2021

„Моето искуство кое го стекнав овие години да го пренесам колку знам и умеам на младите кошаркарки во клубот“

Трајчевска се врати дома, повторно ќе игра за Бадел 1862

Македонската женска клупска кошарка од денеска е побогата за уште едно репрезентативно име.

Актуелниот македонска репрезентативка, Нена Трајчевска одлупи да се врати дома, и одново да заигра во дресот на Бадел 1862.

На местото каде ја стекна својата афирмација, и преку кое после седум годни одлучи да проба, да види како е да се игра надвор од границите на нашата земја.

Овојпат, како што вели искусното крило, во една малку поинаква мисија.

„Се чуствувам одлично и мотивирано. Целта е јасна, шампионска титула и освојување на националниот куп доколку се одржи. Но, улогата сега ми е многу поразлична од минатите години кога настапував за Бадел. Во целиот овој процес сега, би сакала со моето искуство кое го стекнав овие години да го пренесам колку знам и умеам и да им помогнам на младите кошаркарки од овој клуб. Сѐ со цел, да ги охрабрам и да докажам дека без разлика од каде сме, тие можат да успеат и да постигнат нешто што до сега ниедна кошаркарка од нашата држава не успеала“- вели Нена за клупскиот сајт на ЖКК Бадел 1862.

Трајчевска смета дека моменталната состојба во нашето натпреварување може да биде на уште повисоко ниво. Посебно оној играчки квалитет...

„Мое лично мислење е дека мора да се подигне играчкиот квалитет на натпреварувањето, пред сѐ. А тоа може исклучиво да се постигне со обезбедување на максимално професионални услови за тренинг и натпревари за кошаркарките. Потоа, подобар маркетинг и медиумска покриеност. Тоа се детали кои лесно можат да се направат, само со желба и ангажираност од клубовите, како индивидуално, така и лигата како заедништво. Нормално, сѐ тоа за доброто на сите кои се дел од женската кошарка во Македонија“- дополнува второто големо засилување за „баделки“ за оваа завршна фаза од шампионатот.

Пред неколку седмици во кај „жолто-сините“ се врати и уште една репрезентативка, Александра Стојановска, по што Бадел 1862 е веројатно и топ фаворит за освојување на домашните трофеи.