Екипата на Тетекс ТТК во наредната сезона повторно ќе биде дел од второлигашката конкурнеција.
Експресно, по само една сезона, тетовци се изборија за статусот кој го имаа со години наназад, откако во полуфиналето од баражот за пополнување на двете места кои водат во Втората лига, беа подобри од составот на Феникс баскет од Скопје.
ТЕТЕКС ТТК - ФЕНИКС БАСКЕТ 80:64 (2-0)
(24-20; 17-12; 22-17, 17-15)
Домаќините ја имаа контролата над играта и над резултатот во целиот тек на средбата која ја играа пред своја публика. Полека го крпеа отпорот на младиот состав од Скопје. Во првиот период се стркна со позитива од четири поени (24:20), која до полувремето ја удвоија на (41:32).
Ниту паузата од 15. минути не ги смени случувањата на теренот, тетовци пристискаа, Феникс баскет немаше начин да го сопре далеку поискусниот тим. По три четвртини беше јасно дека Тетекс ТТК ќе си го врати својот статус на второлигаш. Поведоа домаќините со недостижни (63:49), па последните десет минути се претворија во формалност.
Капитенот Ѓорчевски со 27. поени ја предводеше петорката на двоцифрени кошаркари кај Тетекс ТТК. Вапски реализираше 16.поени, Михајлоски имаше 14, а Крстевски и Теофиловски додадоа по десет.
Во гостинската екипа, поентерски гледано се издвои „трилингот“ Стојковиќ (19), Димевски (15), и Николовски (10).
Со кој ќе игра во големото финале за шампионскиот трофеј, тетовци ќе дознат по одигрувањето на „мајсторката“ помеѓу екипите на Мега баскет и на Маџари ГБ која следува во сабота, од 19. часот, во Прилеп.
ТРЕТА ЛИГА-МАЖИ-ПЛЕЈ-ОФ-ПОЛУФИНАЛЕ
РЕЗУЛТАТИ – ВТОРИ НАТПРЕВАРИ
Тетекс ТТК - Феникс баскет 80:64 (2-0)
Маџари ГБ - Мега баскет 59:74 (1-1)