20.05.2023

Во финалниот меч, одигран на неутрален терен, беа подобри од екипата на Мега Баскет (68:56), третото место е за Феникс баскет

ТРЕТА ЛИГА-МАЖИ: Победничкиот пехар во рацете на кошаркарите на Тетекс ТТК

Екипата на Тетекс ТТК од Тетогво, е освојувач на Третата лига, откако во финалниот натпревар за пласман беше подобра од Мега Баскет од Прилеп, славејќи со резултат (68:56).

Во натпреварот кој го даде најдобриот тим во овој ранг на натпреварите, тетовци имаа подобра завршница. По релативно изедначените три четвртини, финишираа максимално добро. Го добија тој дел од играта со (22:12) со кои ја потврдија добрата игра и победа над екипата која исто така во следната сезона ќе се натпреварува во Втората лига.

Вапски беше прв реализатор во победничката екипа, реализираше 18.поени, додека пак во екипата од Прилеп се издвои Настески кој постигна 14.поени.  

Претходно, во натпреварот за третото место, младите кошаркари на Феникс баскет беа подобри од екипата на Маџари ГБ. До победата вредна трета позиција на табелата дојдоа благодарение на одличниот финален период. Во десет минути направија (31:11) доволно за конечните (85:57).

Во победничката екипа Димевски реализираше 19.поени, додека на спротивната страна од теренот, стрелец број 1 беше Палевски, кој постигна 16.поени.