14.11.2020

Момците од „Градски парк“ стигнаа до втората по ред, победа во „балонот“ на Златибор (82:77)

ТРЕТО КОЛО ОД АБА 2 ЛИГАТА: Работнички го фати ритамот, го освои Ловќен

Уште еден натпревар одиграа кошаркарите на Работничи во „балонот“ на Златибор против една екипа која доаѓа од Црна Гора. Откако прво загубија од Студентски град, а потоа ја победија Погорица, на ред дојде и пресметката со еден од најстарите клубови на тие простори – Ловќен од Цетиње.

РАБОТНИЧКИ – ЛОВЌЕН 82:77

Нашиот тим остана „верен“ на тактиката, со тројки да ја пробива противничката одбрана. Во првото полувреме „црвено-белите“ исфрлија дури 18, топки до таа позиција. Погодија шест, од нив половина беа од Балмазовиќ (погоди две), исто толку реализираше и капитенот Николовски.

Доволно за тимот од „Градски парк“ да одржи водство, кое по 20.минути беше изразено со седум поени „вишок“, (39:32).

Не се променија работите ни по паузата. Работнички умешно го одржуваше тоа солидно водство. Имаа „црвено-белите“ и плус од 12. поени (53:41) во 28.минута. Но третиот период го завршија со четири помалку (57:49).

Серијата (11-3) во првите три минути од последниот период го донесе Работнички и до најубедливото водство на натпреварот, (68:52).

Екипата од Цетиње се закани со своја мини серија, намали на (66:73) на нешто повеќе од две минути до крајот. Питс и Вашингтон не дадоа ништо повеќе од тоа. Ја вратија прендоста, на двоцифрена (77:67), а нашиот претставник стигна до уште еден триумф на турнирот во Чајетина.  

По три одиграни кола Работнички е веќе во позитива. Има ефект од две победи и еден пораз.

А утре вечер, од 21.часот, екипата на МЗТ Скопје Аеродром го игра својот меч од ова трето коло. За противник „металците“ го имаат составот на Широки.