Долго време младиот тим на МЗТ Скопје Уни Банка се обидува да го „скрши мразот“. Да ја реализира првата победа како прволгашка екипа. Лани, во скратената сезона, не успеаја во тоа. Така почнаа и со нов тренер, во новата.
Беа навистина блиску и во дуелот со Еуро Никел 2005, а потоа и со Куманово 2009. Вечерва е новата шанса за младите кошаркари во сино-бела комбинација на опремата за играње. Пред нив е новиот проволигаш, од Струга, екипа која почна со пораз. На домашен терен од екипата на ТФТ, втората нова екипа во елитната македонска кошаркарска конкуренција. Екипа која исто така ја очекува првата радост во новата сезона.
18.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Црн Дрим Грин мобил
Андреј Андоноски е стандарден првотимец и кај тренерот Борче Даскаловски. Младиот репрезентатовец од редовите на домашната екипа вели дека овој меч е уште една шанса да стигнат до толку посакуваната цел – победа во Првата лига.
„Очекувам натпревар со јак интензитет. Двете екипи сме релативно млади и ќе се бориме за наша прва победа сезонава. Во првите два натпревари покажавме дека можеме да играме на високо ниво и сметам дека имаме голема шанса за прва победа“.
Од друга страна, стружани посакуваат да имаат една поинаква завршница на вечерашниот меч во СЦ „Јане Сандански“ во однос на првиот, против ТФТ.
„Нè очекува тежок натпревар против екипата на МЗТ Уни Банка. Ќе се сретнат две млади екипи кои не ја почувствувале победата во изминатите кола. И двете екипи се со подеднакви шанси за успех. Имаат квалитетни странци и многу перспективни млади играчи како Тодоровски, Савиќевиќ, Митевски и Андоноски. Но и ние не сме без шанси. Во минатото коло го плативме данокот на неискуството, мислам дека извлековме поука како не треба да се одигра. Посебно во една завршница на еден натпревар“- гласат очекувањата на Перо Чочороски, првиот тренер на екипата на Црн Дрим Грин мобил, пред гостувањето во Аеродром.
18.00: Гостивар – Еуро Никел 2005
Средбата во Гостивар каде на гости доаѓа Еуро Никел 2005 е второто дерби од ова трето коло.
Натпревар кој со себе носи и голем резултатски императив кај домашнито тим. Би се рекло дека гостиварци и немаат право на нов кикс, особено не на домашен терен.
Еуро Никел 2005 пак е во една сосема поинаква, и далеку подобра ситуација. Со скор (2-0) кавадарчани доаѓаат во гостиварски „Младост“.
„Дерби на колото ќе биде овој меч помеѓу екипите на Гостивар и на Еуро Никел 2005, во кој секој влегува со свои шанси за победа. Ние ќе настапиме максимално мотивирани, и ќе гледаме да ги искористиме нашите шанси.. Гостивар е одличен тим кој како ќе одминува првенството ќе игра се подобро и подобро. Ова досега не е мерило за нивниот квалитет... Нека победи подобриот и многу здравје на сите“- вели Горан Самарџиев пред третиот испит во новата сезона. Нетговиот тим успешно ги положи првите два, зошто не би било то и по трет пат, велат, и посакуваат во Кавадарци.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 3. КОЛО
Кожув – Работнички 84:95
Академија ФМП – Куманово 2009 91:89
ДЕНЕСКА
18.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Црн Дрим Грин мобил (МТВ3)
18.00: Гостивар – Еуро Никел 2005 (стрим)
ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ
Вардар – МЗТ Скопје Аеродром
ТФТ - Пелистер