07.11.2020

По големите победи над МЗТ Скопје Аеродром и Гостивар, „црвено-белите“ пред уште еден сериозен предизвик

ТРЕТО КОЛО ОД ПРВА ЛИГА: Работнички по стартен хет-трик во Гевгелија

Пеколен распоред имаа и едните и другите во првите две кола. А денеска, од 16.часот, екипите на Кожув и на Работнички, ќе ги чека уште еден.

Пред неколку дена, онаа од Гевгелија играше со МЗТ Скопје во Аеродром, додека пак зад гостите од Скопје, се исто така дуел со „металците“, но и тешко гостување во Гостивар.

16.00: Кожув – Работнички

Средби кои тимот на Димитар Мираковски ги реши во своја корист, што го тера неговиот колега од другата страна на теренот, Александар Јончевски да пронајде вистинска тактика за успех.

„Имаше еден наслов своевремено, кога еден медиум напиша од лошо, полошо па најлошо, што ме асоцираше на распоредот кој Кожув го доби за старт на оваа сезона. Од тешко-потешко, па најтешко. Како и да е, секако мораме да ги поминеме сите екипи, па без оглед на тоа дека играме во моментов со најсериозната екипа, верувам дека е ранлива на одредени позиции. На последните два натпревари, Работнички даде преку 90. поени. И нападот е нивното најсилно оружје, на секоја позиција. Наша задача ќе биде да ги спречиме да не ја поминат границата од 80. поени. Тука ја гледаме нашата шанса за успех“- анализира Александар Јончевски пред вториот натпревар за Кожув во новиот шампионат.

Кирил Николовски и негоите соиграчи ги исполнија обврските во уводните два натпревари. Прво го добија вечното дерби со МЗТ Скопје Аеродром, а потоа во голема драма го совладаа Гостивар, на гостински терен.

„Немаме простор за некој одмор. Но нема штедење на силите. Сакаме да го задриме тој победнички ритам кој го наметнавме на почетокот на лигата. Гостувањето во Гевгелија е второ по ред, а за да не биде баш идеално за нас, говори и тоа дека веднаш по средбата со Кожув заминуваме за Златибор. Иако го добивме двете средби, треба да сме свесни дека не смее да ни се повторат оние последни четвртини односно од сигурна предност која ја стекнуваме во претходните три да влегуваме во неизвесни завршници, како што беше на пример, на средбата во Гостивар. Почеток е на сезоната, и добро е да се победува, но не на такво начин“ – вели високото крило на „црвено-белите“. 

18.00: Академија ФМП – Куманово 2009

Два часа подоцна, во салата „Независна Македонија“ во Скопје, силите ќе ги одмерат екипите на Академија ФМП и Куманово 2009.

„Се надеваме на добар и интересен натпревар. Куманово игра во добра форма и не знае за пораз на почетокот на сезоната, што самото по себе е мотив плус за нас. Ние немаме притисок, играме растоварено од било какви императиви. И тоа е голема предност во нашата игра. Она што можам да го кажам е дека ќе дадеме максимум на овој натпревар како и на сите останати, а резултатот останува да го видиме во сабота навечер“- вели бекот на „пантерите“ од Кисела Вода, Горан Главчев.

Зад кумановци се две победи на стартот на новиот шампионат, откако ставија „рецки“ по дуелите со ТФТ и МЗТ Скопје Уни Банка.

„Во период од десет дена, ова е наш четвртти натпревар. Заморени сме, и имаме проблем со повредите на Робев и на Глигоријевиќ. Ако одиграме квалитетно во одбрана, и организирано во напад, можеме да дојдеме до посакуваната победа. Академија ФМП има квалитетен тим. И е во мала предност поради домашниот терен, кој како минатата, и оваа година, знае како да го искористи“- вели Владимир Мирковски пред дуелот со екипата која ја водеше во ланската сезона.

ПРВА ЛИГА-МАЖИ

ДВОЈКИ 3. КОЛО

САБОТА

16.00: Кожув – Работнички (стрим)

18.00: Академија ФМП – Куманово 2009 (стрим)

НЕДЕЛА

18.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Црн Дрим Грин мобил (МТВ3)

18.00: Гостивар – Еуро Никел 2005

ОДЛОЖЕНИ НАТПРЕВАРИ

Вардар – МЗТ Скопје Аеродром

ТФТ - Пелистер