12.02.2020

Триглав Осигурување ја поддржа младинската лига на Кошаркарската федерација

Соработката продолжува...

 

Македонската кошаркарска федерација и Триглав Осигурување продолжуваат понатаму. Долгогодишните партнери го потврдија тоа, со потпишување на нов договор за соработка.

Првата „благодарница“ дојде од првиот човек на КФСМ, Перо Антиќ, кој потенцираше дека Ѓорѓе Војновиќ бил неговиот ментор, дури и повеќе од тоа.

„Можам да кажам дека Ѓорѓе Војновиќ беше мојот идол уште од мал, дека беше вистински ментор во мојата кариера“- истакна Антиќ како вовед во прес-конференцијата со која се потврди соработката на нашата федерација со оваа еминентна компанија  

„Во Триглав Осигурување најдовме партнер кој ги препозна заедничките интереси. Сега започнуваме со планираниот проект во младинската лига, со надеж и со желба дека соработката ќе биде проширена и во други сфери, и дека со оваа ценета компанија ќе останеме долгогодишни партнери“ – потенцира генералниот секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски.

КФСМ и Триглав Осигурување ќе продолжат со заеднички сили да работат на промовирање на спортските вредности и на унапредување и развој на спортот во земјата.

Спортскиот директор на нашата федерација, Тодор Гечевски истакна:

 „Почнуваме од најважниот сегмент на општественото живеење – младите. Во овој случај со клубовите во младинските категории на натпреварување. Како општествено одговорни чувствувавме потреба за реализација на еден заеднички проект со Триглав Осигурување. Замисла со која сакаме да ја подигнеме свеста кај луѓето. Да се залагаме за она што се вели здрава младина и едно поздраво, поубаво општество. Ова е само првиот чекор во реализација на плановите на нашата федерација“.

Како долгогодишен поддржувач на националниот спорт, Триглав Осигурување и овој пат обезбеди поддршка за младинската кошаркарска лига. Согласно стратегијата за корпоративна друштвена одговорност на групацијата Триглав, компанијата е посветена на поддршката и развојот на спортот и е спонзор на голем број спортски проекти.

Имајќи го предвид влијанието на корпоративната општествена одговорност врз спортот, од особена важност за Триглав претставува можноста за соработка и посветеноста на Кошаркарската федерација кон развојот на спортот во земјата. Токму затоа компанијата одлучи својата поддршка да ја намени за помош на младинската кошаркарска лига.

Таа има стратешко значење, како поради својата цел да ги развива идните квалитетни првотимци и репрезентативци во кошарката, така и поради својата улога во втемелувањето на вистинските вредности и навики, како и градењето на спортскиот и тимскиот дух кај младите.

“Триглав е компанија којашто секогаш се стреми да обезбеди висок квалитет, сигурна иднина и позитивно искуство за своите клиенти. Убедени сме дека секоја успешна компанија треба да биде инкорпорирана и да му помага на општеството во коешто делува.

Свесни сме за важноста на инвестирањето во националниот спорт и што тоа значи за  неговиот развој, особено кога тоа ги вклучува младите категории и децата. Вистинска привилегија е да бидеме дел од активностите на младинската кошаркарска лига, затоа што токму тука се градат вистинските навики, се создава квалитетот, тука лежи иднината на кошарката и спортот воопшто. Се надеваме дека со нашата поддршка ќе придонесеме кон што подобри услови за работа на клубовите и постигнување на што подобри резултати”- изјави во оваа прилика Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, г. Ѓорѓе Војновиќ.