15.07.2022

Успешен почеток на нашите јуниори на турнирот во Гевгелија, триумф против соседите (64:61)

„Трилингот“ Симиќ-Шошкиќ-Бошалески, за победа против Грција

Машката селекција на Македонија на играчи „Под 18“ години запиша уште еден успех во подготвителниот период.

На првиот натпревар од меморијалниот турнир „Боби Петковски“ во Гевгелија, нашиот јуниорски состав беше подобар од селекцијата на Грција, славеше победа од (64:61).

На оваа прва од три предвидени контроли (ќе играме и против селекциите на Бугарија и Црна Гора), нашата јуниорска репрезентација отвори подобро. Иако двете екипи делуваа доста неефикасно, во првите десет минути стекнавме позитива од (12:8). Ја имавме и на полувремето (27:22).

Малку поефикасно се играше по големиот одмор, но во третата четвртина, Грците симнаа два поени од нашата позитива (42:39). Во онаа последната,  двете селекции си поделија по 22. поени, доволно да го чуваме тешко стекнатото водство, и да славиме победа.

И тоа како важна за одржување на самодовербата за она што следува во наредните два дена.

До новиот успех во оваа последна фаза од подготовките пред заминувањето за Измир, каде играме на ЕП од Дивизијата „А“, нашиот тим го предводеше „трилингот“ Симиќ-Шошкиќ-Бошалески.

Нашиот највисок кошаркар беше блиску и до дабл-дабл ефект. Постигна 16.поени, имаше и девет скока. Ист број на поени реализираше Бошалески (плус четири скока и  две асистенции, додека пак оваа средба еден од најмладите во нашиот тим, Шошкиќ, ја затвори со 17. реализирани поени и пет скока.

На вториот ден од собирот во Гевгелија, нашата селекција „Под 18“ години, исто така од 19.часот, утре вечер ќе игра против Бугарија. Два часа порано, на теренот во салата „26.април“ ќе истрчаат селекциите на Црна Гора и на Грција.  

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

1.КОЛО

Црна Гора – Бугарија      71:56

МАКЕДОНИЈА – Грција   64:61

2. КОЛО 16.ЈУЛИ (САБОТА):

17.00: Грција – Црна Гора

19.00: Бугарија - МАКЕДОНИЈА

3.КОЛО 17.ЈУЛИ (НЕДЕЛА):

17.00: Бугарија - Грција

19.00: МАКЕДОНИЈА – Црна Гора