Претседателот на Турската кошаркарска федерација, Хидајет Туркоглу, испрати поздравна порака за одлуката со која претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, заедно со соработниците, ставија крај на шампионатот на Македонија поради пандемијата со коронавирусот.
„Честитки до мојот драг пријател Перо Антиќ и сите негови соработници во федерацијата на Македонија за донесената одлука да се прекине првенството. Тоа значително ќе помогне да се сочува здравјето на играчите. Се наоѓаме во специфично време во кое коронавирусот е непредвидлив, па затоа ваквите одлуки се потребни за да се спречи негово ширење и заканување по здравјето на сите спортисти. Здравјето е приоритет во вакви вонредни ситуации, надевајќи се дека набрзо ќе се вратиме во нормален тек на животот“ - гласи пораката на легендата на турската кошарка, кој пред една година го поддржа Перо Антиќ за претседател на кошаркарската федерација на Македонија.
Со одлука на УО на КФСМ, оваа сезона нема да има шампион, а освен тоа, нема да има и испаѓање од друштвото на најдобрите.