24.08.2022

Почеток на новото издание на традиционалниот собир во Словењ Градец, добро издание на Македонија, но загуби од Хрватска (86:97)

ТУРНИР „СЛОВЕНИА БОЛ“ 2022: Пораз во добра игра, Хрватска имаше подобра завршница

Почеток на новото издание на традиционалниот собир во Словењ Градец. И пораз на селекцијата на Македонија „Под 14' во добра игра, од Хрватска. 

ХРВАТСКА (У14) – МАКЕДОНИЈА (У14)         97:86

Одлично прво полувреме имаше нашата селекција „Под 14“ години. Особено ефикасно, нашите млади кошаркари одиграа во втората четвртина во која успеаја да го стигнат почетното водство на Хрватска, која водеше со (27:20) на истекот на десет минути од премиерниот меч на 16. издание на „Словениа Бол“ кое денеска стартуваше во Словењ Градец.

Она што е посебно важно е дека дури 11. играчи во нашата репрезентација се запишаа во листата на стрелците во првото полувреме во кое имавме егал-резултат, (48:48). А Миленковиќ и Сребров имаа по девет реализации.На почетокот на второто, поведовме со (55:51). Но не успеавме да го задржиме тоа наше водство. Напротив, противникот со своја серија, во втората половина од третата четвртина направи вистински пресврт, и до крајот на тој период, изгради солидна позитива од (73:66).

Со серија од пет поени, на почетокот на последната четвртина се доближивме на (73:71). Потоа бевме и на (76:80), а најблиску (82:83), по 36.минути од играта. Но Хрватска го одби и тој напад, со мини-серија (6-0), поведе со недостижни (89:82).

Петмина наши кошаркари завршија со најмалку десет реализирани поени. Ги предводеше Терзиевски кој постигна 16, Ефтимовски има 15, Ѓорѓевиќ 13, Миленковиќ финишираше со 11, а Данев со десет поени.

На вториот ден од турнирот во Словењ Градец, утре вечер, од 18.часот, ќе играме против селекцијата на Словенија.