24.06.2022

По враќањето од Маврово, екипата продолжува со контролните натпревари, следуваат два меча во Црна Гора

У-20 селекцијата комплетирана, се приклучи и Миловановиќ

Машката селекција „Под 20 години“ го заврши првиот циклус од подготовките. По Скопје и Маврово следува оној во кој се вклучени и „проверките на сработеното“.

Седумдневниот престој во Маврово, селекторот Никола Василев и неговите соработници го искористија и за еден спаринг-меч против селекцијата „Под 18“, кој го решија во своја полза.

Доволно за една мини-анализа, односно рекапитулација на одработеното од страна на селекторот Василев.

„Изминаа две недели од почетокот на подготовките. Вчера го завршивме еднонеделниот камп во Маврово, каде работевме на подигнување на формата на играчите и техничко-тактичкиот дел. Задоволен сум од залагањето и пристапот на сите играчи.

На крајот од кампот одигравме пријателски натпревар со у18 , на кој можевме да увидиме до каде сме со сработеното и да продолжиме да работиме на корегирање на нашата игра“- вели Василев.

Во меѓувреме добри добри вести, во продолжението од подготовките ќе може да смета и на еден од носителите на играта, Марко Миловановиќ.

„Од денес сме комплетни, ни се приклучи и Марко Миловановиќ кој доцнеше поради клубските обврски. Утре патуваме за Црна Гора каде ќе одиграме пријателски натпревари со домашната У-20 селекција“.

Нашите младинци ќе одиграат две пријателски средби со своите врсници од Црна Гора, ќе се играат во Подгорица, првиот на 26. јуни од 19.часот, вториот е закажан за 27. јуни, од 17. часот.