10.08.2021

Одличен старт на нашата селекција „Под 16“ години во Тбилиси, убедливи (91:53) против Малта

Убедлива победа на македонските кадетки против Малта

Женската кадетска селекција на Македонија имаше повеќе од успешен почеток на натпреварите од ФИБА „Челенџер“ турнирот во Тбилиси.

Во првото коло од групата „Е“ од ова натпреварување, славевме убедлив триумф над Малта, кој носи уште поголема самодоверба кај нашите млади кошаркарки кои ги предводи селекторот Никола Златев.

МАКЕДОНИЈА – МАЛТА 91:53

Само во уводната четвртина нашите млади кошаркарки имаа рамноправен противник пред себе. На истекот на десет минути, Македонија водеше со (18:16).

Но до крајот на премиерниот меч во Тбилиси, на теренот постоеше само една селекција-македонската. Во вториот период направивме (28-9), за високи (46:25), на полувремето.

Разлика која со одлична игра во нападот, во вториот дел од играта само ја зголемувавме и стигнавме до повеќе од убедлив триумф.

Капитенот Алексовска реализираше 18.поени, а еден помалку имаше Николов. Покрај нив, 15 даде Стоевска, Милованова имаше 12, а Петревска уште десет реализирани поени.

Утре, во исто време, од 14. часот, следува мечот против репрезентацијата на Албанија.