15.01.2021

Андреј Јакимовски реализираше четири поени во убедливиот пораз (61:91) од трофејниот Универзитет од Лос Анџелес

УКЛА е превисока пречка за „Кугарс“

Кошаркарите на Вашинтон Стејт забележаа уште еден, сега и доста убедлив пораз на турнејата низ Калифорнија.

Можеби и беше за очекување дека Андреј Јакимовски и неговите соиграчи ќе имаат тешка задача да ја совладаат УКЛА. Но веројатно не е за очекување убедливиот пораз од составот од Лос Анџелес од  (61:91 ).

Младиот македонски репрезентативец беше стартер во гостинскиот тим. Реализираше четири поени (сите во првото полувреме) во кое УКЛА веќе направи голема предност од (54:38). Ги погоди двата обиди за два поени, а не реализираше три обиди зад линијата од каде поените вредат како три. Имаше и еден скок и една загубена топка  за 24.минути поминати во игра во „Паули Павиљонот“ во ЛА. 

Пред неколку дена, популарните Кугарс загубија и на гостувањето кај Стенфорд.По 12. одиграни мечеви ВСУ има ефект од девет победи и три порази, и го загуби првото место на табелата во ПАК-12 дивизијата кое го држи токму УКЛА со скор (10-2).