12.05.2022

Се чека конечната одлука на Бордот на светската кошаркарска федерација, кој на 21 мај ќе се одржи во Вилнус

Украинците доаѓаат во Скопје, а ќе ги чекаат Грузија и Шпанија во Рига

Сениорската селекција на Украина ќе продолжи со настапите во квалификациите за Светскиот Куп 2023

И покрај воената состојба, сепак, националната кошаркарска федерација на Украина објави дека ќе ги доигра натпреварите од квалификациите за Светскиот Куп кој во 2023 година ќе се одржи во Јапонија, Индонезија и Филипини.

Федерацијата постигнала согласност наредните натпревари од светските квалификации да ги игра на територијата на Летонија, поточно во главниот град на оваа балтичка земја – Рига.

Па така, на 1. јули, Украина ќе ја пречека селекцијата на Грузија во натпревар кој ќе се одигра во Арената „Рига“, а една недела подоцна, на 7. јули, украинскиот национален тим ќе ја пречека и Шпанија за да го одигра оној одложен натпревар од 4. коло од групата „Г“ во која е и нашиот национален тим.

Токму помеѓу овие два термини, поточно на 4. јули, Украина ќе ни гостува во Скопје во рамките на 6. коло од квалификациите за СК.

Останува ова да биде потврдено и на претстојниот Борд на Светската кошаркарска федерација кој треба да се одржи на 21. мај во Вилнус.