06.07.2024

Во „рок“ од три дена, нашиот национален тим „Под 20“ години повторно многу подобар од американскиот колеџ-тим „Just right“ со резултат (106:58)

Уште една успешна проверка за младинците, по втор пат подобри од американскиот колеџ-тим, заокружија со „стотка“

И во денешнито дуел во СРЦ „Кале“ избраниците на селекторот Боро Смилковски по втор пат беа многу подобри од комбинирана колеџ-селекција од САД, која настапува под името „Just right“.  

МАКЕДОНИЈА (У20) – КОМБИНИРАН КОЛЕЏ ТИМ „JUST RIGHT“            106:58

Најдобрата младинска селекција на Македонија одигра уште еден контролен натпревар за време на подготовките.

А во почетниот период, одличен поентерски вовед имаше Бошалески, кој за доста кратко време реализираше двоцифрен број на поени, вкупно 11. Во тие почетни десет минути стигнавме и до двоцифрена предност (25:12).

Доста поизедначено се играше во втората четвртина, инаку и доста „сиромашна“ според бројот на постигнати поени, на двете страни од теренот. Дел од играта во кој Иванов го стигна Бошалески по бројот на реализациите, и тој имаше 11. И во таков развој на настаните, нашиот младински состав го зголеми водството, имаше и (35:18) по 17. минути игра.

А во последните три уследи серија од (11-1) за највисоките (46:19) со кои се замина на големата пауза.  

Третата четвртина беше и најефикасната, од причина што гостите од САД почнаа да погодуваат од дистанца, и колку-толу да бидат рамноптравен спаринг – партнер на нашиот тим „Под 20“ години (четвртината заврши со резултат, 27:26).

Во оној последниот, сосема очекувано, селекторот Боро Смилковски ги повлече стартерите на клупата.

На крајот на Бошалески му недостасуваше само уште еден скок за да дојде до дабл-дабл ефект, заврши со 20.поени и 9.скока. Капитенот Симиќ даде 14 (плус 6. скока и 5.асистенции). Во последната делница, Стојаноски комплетираше 15.поени (и 4.скока), а двоен број на поени имаа уште Бојчев кој заврши со 16 реализации, Иванов кој даде 13 (11. од нив во првото полувреме), и Шошкиќ, односно Кечовски кои реализираа по 11.

Ова беше шестта проверка за нашиот младински национален тим во периодот на подготовките, и четвртта по ред победа (сите на домашен терен, на кој претходно во два наврати ја совладавме и Словачка).