13.02.2020

Успехот на репрезентацијата е успех на целата држава

Со прес-конференција нашата најдобра селекција означи почеток на подготовките во пресрет на натпреварите од евроквалификацискиот циклус. За една седмица од денес, нашите сениорски репрезентативци ќе го одиграат првиот натпревар во рамки на квалификациите за Европското првенство, закажано за една година.

„Најважниот настан се ближи до реализација, се подготвувавме како федерација да обезбедиме најдобри услови што во моментов можеме и се надеваме дека тимот ќе биде задоволен. Успехот на репрезентацијата е успех на цела Македонија и се надеваме дека ќе се вратиме на големите европски натпреварувања. Ние сме повеќе концентрирани на натпреварот со Естонија, со кого го отвораме овој циклус. Сметам дека сме подобри и имаме реални шанси да победиме. Го одложивме и Купот за да бидеме повеќе посветени на репрезентацијата.“ – истакна Спортскиот директор Тодор Гечевски.

„Денес почнуваме со тренинзи и мислам дека имаме доволно доста денови за да се припремиме за натпреварот со Естонија кој е доста важен за нас. Имаме еден пријателски натпревар во меѓувреме и се надевам дека сите ќе биде здрави и ќе покажеме се од себе“  - додаде капитенот на селекцијата, Војдан Стојановски.

„Во овој момент ова е најоптималниот состав, имајќи го предвид здравствениот билтен и желбата на некои играчи. Навистина сум пресреќен што добив само еден негативен одговор од сите со кои разговарав. Исклучително важно за нас е да се подготвиме добро за натпреварот со Естонија и како што кажа капитенот, да го пречекаме натпреварот оптимално здрави“ – заврши селекторот Александар Тодоров.