Изминатиот викенд во Скопје се одржа полусезонски семинар во организација на Судиската Комисија при КФСМ, на кој судиите беа подложени на проверка на физичката подготвеност.
Освен тоа, присутните на семинарот имаа можност да ги унапредат своите знаења преку неколку предавања, во кои основата тема беше работата на службените лица во првата полусезона.
Зоран Николовски, делегат-контролор и член на СККФСМ, се осврна на Контролите на судење во првата полусезона, со посебен акцент на нивно навремено, прецизно и квалитетно изработување.
Игор Митровски, меѓународен судија, член на СККФСМ и FRIP 1 инструктор, преку практични примери и видеа презентираше „Механика на судење и Индивидуални техники на судење“.
Петар Денковски, меѓународен делегат и FRIP 1 инструктор одржа предавање на тема „Неспортска грешка“, додека Ѓорѓи Пиперков, националниот ФИБА инструктор, имаше презентација за ситуации на неправилен блок.
Комесарот за натпреварување Александар Милојевиќ, пак ја потенцираше работата на службените лица во првиот дел од сезоната и очекувањата за вториот дел од натпреварувањата, со насоки и укажувања за судиите, делегатите и делегат-контролорите.
Сите предавања беа поддржани со видеа од домашните и од странските лиги, врз чија основа се утврдуваа заедничи критериуми за понатамошниот дел од сезоната.