Добар старт на оној, условно кажано, втор дел од подготовките на нашата машка селекција „Под 20“ години. Односно успешен настап на првиот контролен натпревар од оваа фаза од подготвителниот период и она што следува од 7. јули во Скопје, Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 20“ години.
На првата „контрола“ во Подгорица, Македонија беше подобар противник и ја совлада Црна Гора, на крајот и убедливо со резултат (82:67).
Црногорците беа подобри во првото полувреме. Во воведните десет минути се стекнаа со водство, и тоа солидно, според прикажаната игра (22:14), а имаа предност и на полувремето, (42:36).
Но по големиот одмор, одлична игра на нашите млади кошаркари. Одигравме пред се, многу подобро во одбраната. Го сведовме ривалот на само 12 поени, дадовме двојно повеќе, 24, за резултатски, но и играчки пресврт.
По три одиграни четвртини Македонија водеше со (60:54).
Но тука не застанаа избраниците на селекторот Никола Василев. Во исто темпо ги одигравме и последните десет минути во кои ја потврдивме добрата игра со висока победа. Во 35. минута од играта веќе бевме во позитива од (13.поени (72:59), која до крајот на „контролата“ ја зголемивме.
Андреј Митревски со 16 поени ја предводеше „четворката“ двоцифрени кошаркари, во коа влегоа Шошкиќ и Мемед (реализираа по 14), Петков заврши со десет поени, а блиску до дабл-дабл ефект беше Симиќ, кој даде девет поени и собра десет топки под двата коша.
Утревечер, во исто време (18.30 часот), на исто место, двете национални селекции на Македонија и Црна Гора ќе одиграат уште еден пријателски натпревар.