01.05.2017

Првата титула во рацете на Иберостар Тенерифе

Успешна прва сезона од Лигата на шампиони

Сè започна пред нешто повеќе од една година, кога официјално беше претставено новото натпреварување под капа на ФИБА насловено како Лига на шампиони. Првичната идеја за форматот на натпреварување претрпе низа на промени поради задоцнето пристапување кон оваа лига на некои клубови кои претходно одлучија да настапуваат во некои од клупските натпреварувања кои не се во организација на ФИБА. Па така, финалниот број на клубови кои се натпреваруваа се издигна на 52. Регуларниот дел од сезоната првично требаше да брои 32 клуба, но поради зголемениот интерес тој се порасна на 40.

Поради бројот на клубови-учесници во оваа лига, беа формирани пет групи (A, B, C, D и Е) со по осум клубови. Клубовите меѓусебе се натпреваруваа во двокружен (дома-гости) систем. Шанса за понатамошно натпреварување во Лигата на шампионите добија 24 клубови (најдобро пласираните четири од сите групи како и четирите најуспешни со ранг ’5’ во групите) кои потоа беа поделени во две фази за пат до најдобрите 16. Победниците од групите како и трите најдобро второрангирани беа директно пласирани во втората фаза од топ16 додека преостанатите се пресметаа во првата фаза. Следеше нокаут фаза од која екипите на Банвит, Монако, Тенерифе и Рејер Венеција се изборија за првиот Фајналфор турнир во кошаркарската Лига на шампиони.

Триесетти април беше датумот кога се одигра финалниот натпревар кој го одлучи шампионот во ова натпреварување. До последното скалило се искачија Банвит и Иберостар Тенерифе. Шпанскиот клуб успеа да го совлада противникот од Турција со 59-63 и ја освои првата титула во Лигата на шампионите.  Со тоа заврши една успешна приказна - организирање на ново клупско натпреварување кое ќе го подигне квалитетот на клубовите ширум Европа.

 

БРОЈКИ
MVP: Џордан Теодор (Банвит)
Поени: Ник Минерат (Автодор Саратов) 20,3
Скокови: Кит Клентон (ПАОК) 10,7
Асистенции: Џордан Теодор (Банвит) 7,5
Украдени топки: Хауард Сан-Рос (Нимбурк) 2,5
Блокови: Норвел Пел (Варесе) 2,7
Минути поминати на паркет: Крис Крејмер (Олденбург) 36,2
Дабл-дабл ефект: Владимир Штимац (Бешикташ) 7

ИНДИВИДУАЛНИ УСПЕСИ
Поени: Џими Барон (Нептунас), Мартин Зено (Орадеа) 42
Скокови: Кит Клентон (ПАОК) 19
Асистенции: Скоти Рејнолдс (Цибона) 17
Украдени топки: Шакили Мекисич (Ушак Спортиф), Раде Загорац (Мега Лекс) 7
Блокови: Шон Денисон (Орадеа), Октавиус Елис (Морнар) 7
Тројки: Џими Барон (Нептунас) 10