17.06.2022

Во Маврово, поставена „базата“ за наредниот период во обуката на младите кошаркар(к)и „Под 13“ години кои се дел од проектот на петте нации

Успешно реализирано уште едно издание на проектот„New Generation Development“

Уште една генерација на играчи родени 2009 и 2010 година е вклучена во системот на работа во оние репрезентативни категории.

Во Маврово, успешно финишираше првата фаза од проектот насловен како „New Generation Development“, во кој во наредниот период, од 2022 до 2024 година, ќе бидат вклучени националните тимови „Под 13“ години, на Македонија, Романија, Турција, Бугарија и Косово.

Вкупно 60. млади кошаркари и кошаркарки, под водство на 12. домашни тренери, во изминатата седмица вредно работеа според програмата која ја изготвија експертите од Турција, присутни на кампот во Маврово.

За разлика од претходните години од проектот, ова лето за прв пат се вклучени експерт-тренери во машките и во женските селекции, за целосна, полова еднаквост на кампот, во секој поглед.

Камперите добија голема помош од турскиот двоец Енгим Комец и Езра Ердем Атакан, кои се погрижија младите кошаркари да си заминат дома со уште поголеми вештини, знаења, и искуство потребно за нивниот понатамошен кошаркарски развој.

Во меѓувреме, со одигрување на последниот турнир (од 17. до 22. јуни), во Едирне ќе биде затворен актуелниот проект „Заедно до М16“ во кој се вклучени млади играчи родени 2007 и 2008 година.