Екипата на Крива Паланка успешно го започна натпреварувањето во ВАБА 2 лигата. Во првото коло од новата сезона во женската регионалната лига, избраничките на тренерот Виктор Петровски беа подобри од Подгорица.
Тоа е прв, и историски успех на женскиот колектив од Крива паланка во европска конкуренција
КРИВА ПАЛАНКА – ПОДГОРИЦА 58:45
Одличен вовед во натпреварот имаа домашните кошаркарки. Практично во првите десет минути од игрта се стекнаа со двоцифрена предност, која се покажа подоцна, дека беше доволна и за конечен успех.
До крајот на првото полувреме, девојките од Крива паланка имаа и повиска позитива (39:27).
Гостинките од Црна Гора беа за нијанса подобар противник во третиот период од играта. Но доволно само да анулираат само мал дел од убедливото водство на Крива паланка. Намалија на (38:48), но не и нешто повеќе во последните десет минути кои беа и „најсиромашните“ во поглед на вкупниот број на реализации.
Го доби Крива паланка со (10-7), доволно за потврда на историскиот триумф во кој се истакнаа четири кошаркарки од старните пет. Аби Нијхуес дојде до дабл-дабл од 18.поени и 15.скока, Алексис Пул додаде 17.поени и 8.скока (и три додавања), Даја Грин заврши со 11.поени, плус 6.скока и 4.асистенции, додека Михаела Алексовска реализираше 10.поени (три асистенции и два скока).
Нема да имаат многу време за радост кошаркарките од Крива паланка, ако се знае дека веќе утре, од 15.часот, исто така пред својата публика во салата „Бранители 2001“ ги чека дуелот од второто коло во кое за противник ја имаат екипата на РМУ Бановичи, која во првиот меч од турнирот во Крива Паланка, загуби од словенечката Илирија со убедливи (62:87).