12.08.2025

„Сите кои сме тука, сме како еден. Можам да ветам борба, за секоја топка, за секој поен“ – вели силното крило

Валмир Какруки пред мечот со Романија: „Нема предавање, тоа можам да го порачам“!

Важи за еден од нашите најборбени играчи, ако може да се каже така. Неговата агресивност, особено во одбраната носи дополнителна енергија кај неговите соиграчи.

Валмир Какруки е еден од четворицата наши играчи во онаа внатрешна линија која ќе има доста работа и на утрешниот натпревар, втор за нас во претквалификациите за Светскиот Куп 2027 година, против репрезентацијата на Романија.

Овојпат на гостински терен, во Арената „Орадеа“, каде вечерва нашите најдобри кошаркари ќе го одработат својот прв тренинг во ова модерно спортско издание:

„Бевме мнпгу блиску до победата на отворањето на овие претквалификации. Бевме егал со романскиот тим, се до две-три минути пред крајот. Во тие моменти и беше решен победникот. Добро се сеќаваме на тој меч, но одиме понатаму, пред нас е уште еден, против ривал кој го знаеме доста подобро отколку на тој дуел во Куманово“ – вели силното крило во нашата национална селекција.

Во меѓувреме, Романците беа подобри од Унгарија, ние загубивме од унгарскиот тим на гостувањето во Солнок, па дуелот кој се игра во среда навечер ќе има и некоја императивна форма за нашиот, доста подмладен, состав:

„Неискуството си го прави своето. На нас е да “растеме“ од натпревар во натпревар. Да бидеме подобри и подобри, и не се сомневам дека резултатите ќе дојдат. Веројанто Македонија досега немала помлад ростер во сениорската селекција. И тоа мора да се земе в предвид кога се даваат некои оценки за квалитетите на репрезентацијата.

Нема предавање, тоа можам да го порачам. Сите кои сме тука, сме како еден. Можам да ветам борба, за секоја топка, за секој поен. Тоа е онаа основното, а што ќе биде на крајот, ќе видиме. Битно е ние да го дадеме својот максимум од можностите, а каков ќе биде резултатот, се надевам позитивен за нас“ – дополнува Какруки.