Од својот колега во Спортската Академија на комеморацијата за Драган Василов организирана од КФСМ во големата сала на СРЦ “Кале“, се прости и Ванчо Димовски, директорот на оваа спортска организација чиј дел, скоро од самиот почеток на постоењето, беше и Драган Василов-Цевка.
„Што и да се каже за него, малку е...
Скромен, ведар, непоправлив шегаџија и тоа најчесто на сопствена сметка, беше омилен и меѓу децата, но и меѓу колегите, нешто што е реткост во македонската кошарка.
За нас во Академијата беше вистинско задоволство, уште повеќе и чест да имаме на располагање едно такво тренерско име
„Батка“ му беше омилениот збор, со кој ги нарекуваше соговорниците, иако со многу поголемо искуство, години од нас, го прифаќаше тој вид на комуникација.
Никому не знаеше да каже НЕ и тоа можеби беше негова најголема мана. Работата со децата најмногу го исполнување. За жал, и замина додека го правеше тоа што најмногу го сака, на кампот на Кошаркарската федерација во Маврово.
Низ неговите раце минаа многу репрезентативци. Да, знаеше да трпи и неправди, но тие се чини, го правеа да биде уште посилен. Без многу да се жали, продолжи да го работи тоа во што беше најдобар.
Знам и тоа добро дека постојано им беше на располагање на луѓето од Куќата на кошарката, без разлика кој беше таму главен.
Тој можеби замина, но зад него остануваат стотиците откриени таленти, часовите минати во сала, успесите кои никој не може да му ги земе.
Да, и анегдотите кои ќе се раскажуваат уште долго, нешто како најпријатните сеќавања за кошаркарскиот Батка.
Почивај во мир Драгане Василов!“