18.02.2017

Вардарки подобри од Пелистер за пласман во финалето од ЛИМАК Купот на РМ

Вардар си закажа финале со Бадел 1862

Кошаркарките на Вардар беа поуспешни од Пелситер во вториот полуфинален дуел во женска конкуреција. Со победата од  67-46 или 15-13, 20-8, 21-12 и 9-13 по делници, „вардарки“ си закажаа финална пресметка против Бадел 1862 и директна шанса за симнување на клубот од тронот на кој ’царува’ три години во низа.

Првите десет минути поминаа во изедначена игра на двете страни. Ниту една од екипите не можеше да се одлепи резултатски што придонесе за неизвесноста на натпреварот. По десет минути игра, резултатот гласеше 15-13 во корист на Вардар. Следеше период во кој условните домаќини апсолутно доминираа во рекетот. Само капитенот Едина Муса имаше 13 скокови, мнозината од нив во фазата на нападот. По 15 минути игра на „вардарки“ им ’тргна’ и шутот за три поени, па разликата на полувремето стигна и до ’плус 14’ (35-21).

Играта во третата четвртина беше реприза на таа во втората. Се разиграа Јоловиќ и Ватс, а кошаркарките од клубот од Битола не можеа да го фатат ритамот на расположените скопјанки. Не функционираше ниту одбраната ’човек-на-човек’ па кошаркарките на Вардар рутински го завршија натпреварот доближувајќи се еден чекор поблиску до Куп-титулата.

Стрелци на натпреварот:
Вардар: Ешли Ватс (16 поени), Едина Муса (11 поени)
Пелистер: Сара Спировска (14 поени), Теодора Кузмановска (11 поени)