22.05.2019

Вардарки и Баделки ја започнуваат битката за престижниот трофеј

Ги совладаа своите противници во рамки на полуфиналните пресметки од плејофот и трета сезона во низа кошаркарките на Вардар и на Бадел 1862 ќе си ги одмерат силите во финалето.

Ќе се игра во систем – подобар од пет натпревара (три победи), а двата тима почнуваат од 0-0.

Вардарки ќе имаат минимална предност - првиот натпревар да го одиграат на домашен терен поради подобриот скор (кош-разлика) во меѓусебните дуели во регуларниот тек на сезоната.

Анета Глигорова, тренер Бадел 1862
Сигурно е едно, дека нема да се предадеме лесно. Настрана сите повреди со кои се соочувавме во тековната сезона, сметам дека ќе бидеме и повеќе од достоен ривал за нашиот противник. Ќе мораме да ги покриеме сите позиции и да играме поагресивно. Имаме пет шанси за одбрана на титулата иако се надевам дека многу побрзо ќе ја ’решиме’.

Жаклина Стојановска, тренер Вардар
Овој пат притисокот не е толкав каков што беше на Купот бидејќи сепак имаме неколку шанси, да кажам некаков вид на поправен испит. Ќе се обидеме да дадеме максимум од ростерот со кој располагаме, па ќе видиме што ќе се случува.

Првиот натпревар ќе се одигра денеска, во малата сала на „Кале“ со почеток во 18:30.