МЗТ Скопје направи успешен старт на сезоната, говориме за оној „јадрански дел“, беше подобар од црногорскиот Теодо, што , се чини, уште повеќе ја подигна атмосферата кај „металците“, а во пресрет на наредниот предизвик во кој има голем влог.
Пехарот во Суперкупот „Драган Василов-Цевка“.
Уште еднаш, а сега тоа може да се оквалификува и како „серија“, за победнички трофеј ќе се борат против екипата со која „војуваа“ и во текот на ланската сезона – Пелистер.
Ги добија „сино-белите“ тие финални пресметки, а во сабота навечер (19.30. часот), во СРЦ „Кале“, ќе бараат продолжение на таа победничка серија.
Предводникот од клупата, Васко Атанасов, очекува и овој меч да биде во рамките на она што се вика неизвесност:
„Натпреварите со Пелистер секогаш се возбудливи и до крај неизвесни, па така очекувам да биде и утре во „Кале“. Противникот има релативно нов тим, кој допрва треба да го анализираме, но клучно за крајниот исход на оваа средба ќе биде начинот на кој ние ќе одиграме. Ако во дефанзивата бидеме како против Теодо, а убеден сум дека ќе бидеме далеку подобри во нападот, тогаш сигурно ќе бидеме многу блиску до посакуваниот трофеј. Ја прифаќаме фаворитската улога и сигурен сум дека ќе ја потврдиме на паркетот“ – вели Атанасов пред утрешниот меч во кој влезот во салата на СРЦ „Кале“ ќе биде слободен.